Узунов: Се задолжуваме за да се раздолжуваме

од desk3
65 прегледи

Владата на почетокот на овој месец се задолжи за нови 7,3 милиони евра кај стопанството. Најголем купувач на денарските едногодишни обврзници беа фирмите, кои откупија 63,3 отсто од вкупно понудените 5,5 милиони евра. На почетокот на август задолжувањето изнесуваше 2,2 милиони евра, а во јули 1,6 милион евра.

5856660723_ef2b89a8e6_z

Според универзитетскиот професор Ванчо Узунов, Владата нема намера да ја промени политиката на задолжување, која не се одвива само во последните неколку месеци, туку трае со години.

– Владата не може да ги сервисира постојаните долгови без задолжување. Се задолжува за да се раздолжи и секој нареден пат малку повеќе. На тој начин долгот само се зголемува. Тие немаат намера да ја променат политиката на задолжување и, што е уште пострашно, ние не знаеме за што одат тие пари. Од друга страна, економијата не генерира приходи за раздолжување на долгот – вели Узунов и додадава дека за трансфер во ПИОМ одат двапати повеќе пари отколку за плати во администрација.

Тој задолжувањето на Владата го споредува со зависност од цигари.

– Знаете дека пушењето е штетно, но мислите дека следната цигара не е токму таа што ќе ве убие. Така и со задолжувањето: секој месец по малку и стануваме презадолжена земја – додава Узунов.

Според универзитетскиот професор Томе Неновски, пак, задолжувањата на Владата на почетокот на месецот на домашниот пазар е по редовен распоред и е креирано за буџетски потреби.

– Овие задолжувања кои Владата ги прави на почетокот на месецот се за покривање на буџетските потреби и на дел од дефицитот. Некогаш тој износ е поголем, а некогаш помал – вели Неновски.

МЕТА