Заев : Со формирање на анкетни комисии  ќе излезе на виделина, „вистината за многу настани во државата меѓу кои е и случајот Монструм“

од desk3
113 прегледи

 

Претседателот на СДСМ Зоран Заев при денешната посета на Тетово изјави дека разликите меѓу стручните тимови во партиските преговори околу законот за специјален јавен обвинител се концептуални и оти очекува дека во следните денови ќе бидат надминати и на почетокот од идната седмица измените и дополнувањата на Законот за обвинителство да се најдат пред пратениците.

заев

– Нашиот став останува дека специјалниот јавен обвинител е служба што подразбира негови заменици, стручни и технички служби за подршка, соодветна плата со што процесот може да продолжи. Тешкотијата во преговорите може да биде надмината, а нашиот став останува дека специјалниот обвинител мора да има целосна автономија. Сепак, во овие преговори ние сме само една од четирите страни, но сметаме дека многу скоро може да дојде до заеднички договор, изјави Заев.

Еден човек, додаде, сам не би можел да се справи со обемниот материјал кој опфаќа 28 предмети како „Пуч“ и други против врвот на власта, туку му требаат заменици и други соработници со кои ќе одлучуваат за оваа проблематика согласно Уставот и законите. Нечесно е да се убедува јавноста дека еден човек е доволен за тоа, рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање околу поднесени жалби од обвинители на судската одлука за неземање предвид на прислушувањата Заев рече дека очекува оти „повисоките судски инстанци помудро ќе решаваат по ова прашање, а јавноста е запозната за жалбите на обвинителството и независни правосудни експерти“. – Ова воопшто не влијае на иднината околу нашето позиционирање за специјалниот јавен обвинител. Ако повисоките инстанци донесат правилна одлука тоа ќе биде прв сигнал дека сме подготвени да го вратиме независното правосудство. Ако не и со тоа нема да има независни истражни органи јас и воопшто опозицијата сите докази што ги поседуваме согласно законот за антикорупција и другите позитивни законски прописи ќе ги ставиме на увид на јавноста, изјави Заев.

Тој рече дека со формирањето на анкетни комисии во Парламентот на кои сите политички субјекти може да покренуваат теми од интерес ќе излезе на виделина, „вистината за многу настани во државата меѓу кои е и случајот Монструм“.

При престојот во Тетово Заев се сретна со општинското раководство на партијата и граѓани. Се осврна на состојбата со, како што рече, целосно запуштениот Спортски центар во Тетово, и потенцира дека овој град се соочува со рестрикции на вода и е еден од најзагадените во Македонија па дури и во Европа.

Слични содржини