Премиерот Никола Груевски денеска изврши увид на повеќе владини проекти во Куманово и Кумановско и оствари средби со жителите на повеќе населени места.
Денешната агенда започна со средба со жителите во населеното место Романовце, во кое со владини средства се изработува урбанистички план за населеното место во вредност од пет милиони денари.
Премиерот ги информираше дека Владата издвојува финансиски средства за решавање на вакви проблеми за жителите во населените места, но дека на последниот повик за финансиска поддршка градоначалникот на Куманово не доставил ниту еден проект, а вакви проекти во други општини се реализираат и по неколку проекти.
– Во Владата има планирано еден милион средства за поддршка на проекти во општина Куманово. Ако ова е приоритетот ние сме за да се поддржи. Тука треба да се достави проектот за канализацијата и барање. Еве, да речеме, Општина Нагоричане, таа е доста помала од Куманово. Таа доби 600.000 евра затоа што аплицирале, побара и доби. Ако го добиеме проектот од градоначалникот со кој ќе бара канализација за Романовце ќе бидат одобрени средствата со кои ќе се изгради канализацијата, рече Груевски./МИА
