Според планот на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, Германија треба да прими дополнително 31 443 бегалци сместени во Унгарија, Грција и Италија, се тврди во денешниот број на германскиот весник “Велт ам Зонтаг”, цитиран од агенциите.

мигранти

Весникот се повикува на официјален документ кој содржи нови предлози на Еврокомисијата за зголемен внес на мигранти кој Јункер планира да го претстави на 9 септември.

Комисијата сакала да им предложи на земјите од ЕУ да преземат обврски за прифаќање на дополнителни 120 000 бегалци плус 40-те илјади за кои беше постигнат договор во јули. На овој начин треба да бидат “заменети” Унгарија, Грција и Италија, каде што главно се натрупуваат мигрантите.

Според планот на Јункер Германија ќе прифати најмногу бегалци. На Франција ќе биде предложено да прифати 24 000, на Шпанија – 15 000. Германските власти веќе се согласија да прифатат 10 000 од првичната бројка од 40 000 бегалци.

Друг германски весник – “Билд ам Зонтаг”, објави денеска интервју со Јункер, во кое тој ги подложува на остра критика дискусиите за воведување на гранична контрола во земјите од ЕУ, разгорени во позадината на миграциската криза.

“Правото на слободно движење е едно од главните достигнувања на Европа и на него не треба да се посегнува. Не треба да поставуваме прашања за Шенген само затоа што некои земји членки на ЕУ ги кршат европските правила”, нагласува шефот на Еврокомисијата за весникот.

Слични содржини