Г.Тимотеј: Проблемот СПЦ – МПЦ повеќе е политички отколку црковен

од Vladimir Zorba
103 прегледи

СПЦ во мај соопшти дека формирала Комисија за разговори за отворените прашања со МПЦ . Од тогаш, навидум, тотален молк. Работи ли тивката дипломатија, ќе има ли посредници? ДВ за ова разговараше со владиката Тимотеј.

Афтокефалноста на МПЦ прогласена уште во 1967 година и натаму е камен на сопнување за нејзино признавање од страна на СПЦ. Речиси половина век проблемот виси и сега пред за догодина најавениот голем Севселенски собор од страна на Цариградската патријаршија им тежи и на останатите православни цркви. Во интервју за ДВ владиката Тимотеј, еден од назначените членови на комисијата која ќе треба да разговара со претставниците на СПЦ и портпарол на МПЦ – ОА вели дека проблемот веќе не е само црковен, туку сега е исполитизиран и поврзан со решавање на спорот за името на Република Македонија.

ДВ: Еден од условите за преговорите да се одмрзнат беше ослободувањето од затвор на поглаварот на ПОА, владиката Јован. Тоа се случи. СПЦ соопшти дека патот за разговори е отворен.

Владика Тимотеј: Светиот синод на МПЦ нема посебно расправано околу најавите за конкретни разговори со СПЦ, ако не се смета соопштението кое беше дадено во јавноста преку медиумите и беше поздравена одлуката на СПЦ дека разговорите ќе бидат одмрзнати. Од тогаш досега колку што ми е мене познато испратено е писмо до Синодот на Српската православна црква, а од нивна страна немам сознание дали има одговор. И јас, како и јавноста, знам само за соопштението објавено по седницата на Соборот на СПЦ кога објавија дека е формирана комисија која што ќе разговара со евентуална комисија од МПЦ. Засега работите стојат така. Во меѓувреме, во една пригода изјавив дека очекуваме, во текот на септември, да почнат тие разговори. Но колку што следам преку медиумите, особено на сајтот на СПЦ, еден од членовите на Синодот и член на комисијата со која треба да разговараме, владиката Захумско – херцеговски Григориј е во посета на САД и ќе се врати дури на 24 септември. Со тоа нашите очекувања дека ќе се сретнеме барем во првата половина на септември не се реални. Сега ни останува надежта дека средбата ќе биде закажана за крајот на овој или почетокот на следниот месец – октомври.

Се пишуваше дека СПЦ формирала Комисија со членови од своето тврдо крило. Како ќе изгледаат преговарачките тимови?

Тоа не е тајна. Тие составот го соопштија уште во мај. Митрополитот Црногорско – приморски Амфилохије е претседател на комисијата, епископот Бачки Иринеј и владиката Захумско – херцеговски Григориј се членови и плус едно техничко лице. Двајца од нив за нас се познати, веќе биле учесници во сите меѓусебни разговори. За мене нов е владиката Григориј, но сигурно е авторитет во СПЦ штом го ставиле во една вака значајна преговарачка Комисија за решавање на едно отворено прашање кое ги оптоварува односите меѓу двете цркви и целата екумена околу половина век. Од наша, македонска страна митрополитот Петар е претседател, а член покрај мене е и митрополитот Наум. Епископот Климент ќе биде присутен како техничко лице.

 

 

 

Сметате дека проблемот е со чисто политичка димензија? Тоа значи дека црквите кои се колебаат околу нерешениот проблем се под политички притисок?

Мислам дека на секому му е јасно дека проблемот повеќе е политички од колку верски. Ние православните верници во Македонија не веруваме поинаку во православието од верниците во Белград, Цариград или Москва. Ние не сакаме да се мешаме во политика, но политиката се меша во нас. Ние сме живи луѓе и според тоа не можеме да ја апстрахираме таа реалност. Така што црковното прашање на МПЦ и македонскиот православен народ или на Охридската архиепископија апсолутно е политичко прашање, повеќе отколку какво било црковно прашање.

 

Колку Вашите контакти со Бугарската и Албанската православна црква претставуваат сигнал дека оската Белград – Атина – Москва треба да попушти?

Тоа се работи кои никој јавно не ги соопштува. Ние само можеме да погодуваме и да посакаме тоа да се случи. Во секој случај на сите им станува се’ појасно и се’ по бистро дека е созреано времето и дека треба да се прекрати со изолацијата на еден народ и на една црква која што е жива и покажува свои плодови во сериозни димензии, па дури ако сакате многу повеќе од некои други православни цркви во соседството и пошироко.

 

целото интервју тука