Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино имаат уште еден ден за избор на специјален јавен обвинител и законска рамка за негово изгласување во Собранието на Република Македонија. Според информациите до кои дојде „Мета“, и синоќа немало некое поместување за оваа точка, а копјата најмногу се кршат за бројот на заменици-обвинители.

klub na pratenici

На маса е и предлог од белгискиот олеснувач Питер ван Хојте, како и нацрт за предлог -закон подготвен од работната група на СДСМ.

Единствено што е јасно е дека утре истекува рокот за избор на специјалниот обвинител, кој, според Договорот од Пржино, треба да биде избран до 15 септември. Тој со целосна автономија треба да ја води истрагата за случаите „Прислушување“ и „Пуч“.

Иако сите очекуваат тој, сепак, да биде избран, во јавноста се појавија и дилеми околу неговата функционалност.

Првата дилема што би се отворила, според адвокатот Оливер Вуксановиќ, е применување на постојната законска легислатива за избор на обвинител, која пропишува тој, покрај Правен факултет и правосуден испит, да има завршено и Академија за судии и за јавни обвинители.

– Ако тимот на специјалниот обвинител се избира по партиска линија, кој ќе ѝ гарантира на јавноста дека заради лични интереси нема партиските послушници да ја опструираат работата? Втората работа е финансиската конструкција за неговата работа во смисла на плати за него и за неговиот тим, придонеси, трошоци за постапување, за вештање и слично, за да се избегне претпоставената опструкција од Министерството за финасии кое може да каже дека во 2015 година не се предвидени пари за таа намена – вели Вуксановиќ.

Не е јасно и каква ќе биде финансиската конструкција за администрацијата што ќе го опслужува. Кој ќе ги плаќа книговодителите, дактилографите, техничката компјутерска опрема и слично.

– Исто така, за оваа нова институција ќе треба софистицирана техника, компјутери, камери… Ќе бидат потребни и автомобили или цел возен парк, а за сето тоа ќе треба да се распишат тендери, што повлекува да течат сите процедури со сè жалби и поплаки, па дури и судски разврски – вели Вуксановиќ.

За денеска е повторно закажана средба на работните групи за избор на специјален јавен обвинител. По решавањето на ова прашање, работните групи на политичките партии треба да разговараат и за изборните закони, гласањето на дијаспората и за прочистување на Избирачкиот список.

МЕТА

Слични содржини