Политичката криза во Македонија, спроведувањето на договорот од 2-ри јуни годинава, изборот на специјален обвинител и евро-атланската интеграција, беа теми на денешната средба на претседателот на ДУИ Али Ахмети со директорката за Западен Балкан и проширување во британското Министерство за надворешни работи и Комонвелт, Фиона Мекилвам, и британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
Според соопштението од ДУИ, Ахмети ги пренел ставовите на партијата за специјалниот обвинител и случајот прислушкување. Апелирал до останатите вклучени партии денеска да ги надминат меѓусебните разлики и да се постигне заедничка согласност за законската рамка и името на обвинителот.
– ДУИ е подготвена за компромис и ги повикуваме страните исто така да ги усогласат ставовите бидејќи треба да се зачува политичкиот кредибилитет на државата и да се почитуваат договорите потпишани во присуство на високите власти од Брисел и Вашингтон. Спроведувањето на договорот го враќа изгубениот кредибилитет на институциите во земјата, го засилува нашето партнерство со евроатланската заедница и силно не враќа кон интегративниот пат. Денес е моментотот на одговорноста и за политичкoто делување, се вели во сооопштението.
Во тек на престојот во Македонија, денеска и утре, како што соопшти Британската амбасада, Мекилвам ќе се сретне со претставници од политичките партии и од граѓанскиот сектор. Посетата на Мекилвам е во рамки на редовната билатерална соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство./МИА