Бројката на невработеност е едно, а работа сосем друго или статистичка гимнастика со невработеноста

од Vladimir Zorba
79 прегледи

Постојат три вида лаги: лага, голема лага и статистика, е изрека на британскиот премиер од втората половина на 19 век Бењамин Дизраели која може да се преслика и во денешното македонско општество. Манипулацијата со статистика е методологија што често е употребувана од владите во регионов за за добијат нашминкани податоци со помош на мала интервенција во индикаторите по што се создава лажна слика пред домашната и меѓународната јавност, пишува Радио Слободна Европа.

92527D34-5D28-4C4B-954B-ABD534D57082_w640_r1_s_cx0_cy0_cw991-540x304

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во второто тримесечје од годинава се намали на 26,8 проценти и споредено со првото тримесечје бележи намалување за половина процент. Во второто тримесечје од годинава во Македонија имало 956 илјади граѓани кои се заведени како активно население од кои речиси 700 илјади се вработени, а 256 илјади луѓе бараат работа.

Премиерот и министрите пред јавноста неколку пати повторува дека успеале од 2006 година до денес да ја симнат невработеноста од 38 отсто на 26,8 отсто, што е огромно намалување и би требало да се почувстува во јавноста и да се есапи за фантастичен резултат и многу поволен тренд.

За економските аналитичари феноменот со невработеноста преставува само добра статистичка гимнастика, според која македонските политичари се во европскиот врв. Според поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски, во Македонија се сомнителни кои било бројки затоа што не е спроведен попис на населението за да може да бидат веродостојни статистиките кои подоцна се прават. Тој вели дека не е уверен оти стапката на невработеност што ја прикажува Владата е вистинска и дека тоа е само една добра статистичка гимнастика.

„Можеби донекаде придонесуваат дел од странските инвестиции каде што имаме одредено вработување, но тоа е доста проблематично затоа што има големи флуктации при примањето и отпуштањето на работниците. Така што, во овој момент ќе ја земам оваа ставка која ја прикажува Владата со голема резерва, сè до оној момент додека не се изврши попис ние сите статистички податоци во Република Македонија ќе ги имаме со голем знак на прашалник за нивната веродостојност“, вели тој.

Економистот Висар Адеми наведува неколку причини за намалувањето на стапката на невработеност. Како прва причина ја наведува реформата за корисници на субвенции кои сега треба да платат и придонеси, а со тоа и се бришат од листата на невработени. Дополнително, улога играат и креирањето на работни позиции во економските зони.

„Но, тие вработувања се експлоатирани од компаниите кои ги вработуваат, затоа што за нив плаќаат екстремно минимално без никакви бенефиции и со екстремно многу саати на работа, така што мислам дека тие работни позиции од компаниите коишто се креираат не се интегрирани во домашната економија, така што тие работни позиции ќе опстанат додека ги имаш тие компании тука, во моментот кога таквите бенефиции ќе завршат, тие работни позиции ќе бидат затворени“, вели Адеми.

Повеќе прочитајте од саботната анализа на Радио Слободна Европа на следниот линк.