Претставниците на ВМРО го смениле текстот на Законот за специјално обвинителство изработен токму од четирите политички партии и меѓународниот посредник за време на неговото испраќање до Собранието, дознава Алсат-М. На нечесен начин, ја скратиле втората алинеја од член 3, од каде е изваден ставот кој гарантира гласање по Бадентер на Советот на обвинители, за избирање на специјалната обвинителка. Сменетата верзија предвидува гласање со Бадентер само во Собранието, но не и во Советот.
„(1) …Собранието ќе го утврди кандидатот за јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија.“
(2) Советот ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку 2/3 од вкупниот број членови.“
И покрај измените на законот за кој претходно се согласија, Советот на обвинители ја изгласа Катица Јанева со Бадентерово мнозинство вечерта на 15 септември. Измената на законскиот текст поминала без да биде забележана од страна на албанските партии во Парламентот. Реакциите за ова дојдоа вчера за време на дискусиите на работната група од страна на претставникот на ДУИ, Артан Груби.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираат, како што велат, наводите поврзани со некакво фалсификување на Договорот за јавното обвинителство. Сепак не даваат одговор како се случило во Собранието да биде изгласана верзија на законот што е различна од онаа што била заклучена на работната група.
„ВМРО-ДПМНЕ во целост и ги отфрла како груби невистини и шпекулации. Сакаме да нагласиме дека законот се пишуваше во присуство на претставниците на сите партии и со согласност и поддршка од сите партии, со што е комплетно неточно тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ сама го правела законот. Шпекулациите поврзани со оваа тема ВМРО-ДПМНЕ ги гледа во контекст на лични несогласувања во рамки на некои од партиите кои јавно го поддржаа и изгласаа законот и нема намера да се меша во нечии агенди, кои демонстираат неодговорно однесување и се обид за дефокусирање од вистинската цел на законот, а тоа е дознавањето на целата вистина“, се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ пак соопштуваат дека ваквиот однос кон договореното е неодговорно.
„Преговарачкиот тим на СДСМ реагираше на ваквото однесување на некои од преговарачите во врска со Законот за специјален јавен обвинител, или поточно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Тоа однесување на дел од преговарачите е крајно неодговорно и не смее да се случува. Дополнително, ваквиот инцидент е сериозна опомена за домашната јавност, но и за меѓународните посредници за карактерот и однесувањето на некои политички субјекти вклучени во преговорите. Знаејќи со кого имаме работа, СДСМ дополнително ги проверуваше сите одредби кои беа резултат на наши предлози и позиции. Тоа очигледно не го направија сите партии што придонесе до крајниот резултат“, информираат од СДСМ.
