Праксата што со години ја води ВМРО-ДПМНЕ во ова Собрание продолжи и денеска, и тоа имавте прилика да го видите.
Точките за укинување на екстерното тестирање, за зголемување на минималната плата, на Законот за буџети за којшто граѓаните треба да видат како се трошат нивните пари и информацијата за се поголемото иселување особено на младите на Република Македонија, се ставени како последни точки на оваа седница.
Законите што ги предложивме, вклучително и информацијата се поднесени на 3-ти септември. Владата, сите овие закони коишто имавте прилика да ги слушнете денеска, не знам, некаде стотина се поднесени помеѓу 10-ти и 15-ти септември. Она што деловнички го знаеме е дека и пратениците и Владата и 10.000 граѓани со потписи можат да предложат закон. До ден денес не ни е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ бега од овие теми. Зошто овие точки се ставени на последно место?
Ќе пробам и да одговорам, ова е класично бегање на ВМРО-ДПМНЕ од најсуштествените и најреалните проблеми коишто Република Македонија ги има во овој момент.
Треба да излезат и јавно да кажат зошто се тие против укинувањето на екстерното тестирање? Јасно и гласно да го кажат тоа пред сите граѓани.
Да кажат зошто не сакаат да има зголемување на минималната плата на сите работници од 11.000 денари?
Зошто бегаат од отчет на секои три месеци, односно на шест месеци преку извештаи каде што граѓаните јасно ќе видат како тие ги трошат нивните пари?
И да одговорат, не знам зошто последна точка е ставена, за најголемиот проблем во Република Македонија, а тоа е иселувањето. Поставивме точка на дневен ред, со цел ова Собрание да заседава и да донесе заклучоци со коишто ќе се задолжи Владата и сите релевантни органи во Република Македонија како да најдеме начин, оваа бела чума, ова зло, колку што може да се намали.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, ДПМНЕ коешто не сака да разговара на тие теми и за граѓаните да не го слушнат сето тоа, ставени се овие точки од 95-та до 100-та точка на дневен ред.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Нели на координација зборувавте за ова?
Сугарески: Да, ние разговараме на координации во Собранието. Слободно можете да побарате известување од архивата на Собранието, да видите кога за оваа седница се доставени сите точки. Нашето известување беше поднесено на 3-ти септември. Секој закон во Република Македонија и во ова Собрание има еднаков третман. Поднесено е од група пратеници, како што тоа го прави Владата и како што тоа имаат право да го прават 10.000 граѓани со нивниот потпис. Ако гледаме и деловнички, прво е впишано од пратениците.
Медиуми: Која беше причиниата?
Сугарески: Имавте прилика да видите дека предлогот беше ставен на гласање и беше одбиен. Не дадоа никаква причина.
Медиуми: Како што видовме на првичниот дневниот ред којшто беше објавен на веб страницата на Собранието, вашите точки беа осма, деветта, десетта, итн…
Сугарески: Да, така беше во првичната варијанта, со тоа што претседателот на Собранието го предлага дневниот ред и го видовме резултатот.
Медиуми: Вие веќе кажавте зошто според Вас се трганти тие точки, законите за основно и средно образование, како што самите велите, предизвикуваат огромен интерес. Самиот премиер веќе нуди еден поинаков концепт, дали мислите дека се работи на поинаков концепт и затоа се тргнати?
Сугарески: Мислам дека премиерот подготвува некаков контра одговор на ова. Во законите за основно и средно образование, и во Законот за изменување и дополнување на законот за наставници во основно и средно образование, јасно пишува што пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери бара: целосно укинување на екстерното тестирање. Ниту подобрување, ниту некакви нови модалитети. Претпоставувам дека тој се обидува на некаков начин, колку што може, паралелно, кога треба да се води дебата, а тоа ќе биде најверојатно наредната недела во ова Собрание, бидејќи точките како што кажав се последни, дотогаш да има некаков одговор. Со тој одговор пратениците ќе се обидуваат тука да одговорат на она што апсолутно не можат да одговрат, а тоа е јасно да кажат дали се за екстерното или се против екстерното тестирање. Значи ние многу јасно тоа го направивме, СДСМ и коалициските партнери се против во Република Македонија да постои екстерно тестирање.
Медиуми: Беа донесени 5 закони по скратена постапка. Како го коментирате тоа?
Сугарески: Ставот на СДСМ е многу јасен. Освен каде што скратената постапка треба да ја има, тоа е во многу малку случаи, ние сме против скратени постапки. Впрочем во неколку наврати имавте прилика да видите како амбасадорите реагираа на носење стотици закони по скратена постпка. Тоа е двојниот аршин на ова Собрание. Ќе ви кажам зошто. Кога имавме усогласување на законите, кога опозицијата беше надвор од ова Собрание тие закони ги донесоа по скратена постапка. Истите усогласувања ги прават сега по регуларна постапка. Тоа тие треба да го одговорат. Ние апсолутно сме против носењето закони по скратена постапка.