Разврската на процесот на либерализација на пазарот на телекомуникациски услуги, одложуван уште од приватизацијата на македонскиот Телеком, започнува со молскавична брзина кон крајот на 2004 и непредвиден исход за компанијата – ќерка на Маѓар Телеком, МакТел. Договорениот Закон воопшто не е презентиран во Влада, наместо него се усвојува текст неповолен за компанијата, по што започнува процесот заради кој тројца раководни лица на Маѓар Tелеком се обвинети за поткупување владини функционери во Македонија.
На 27 мај 2005 година, Бучковски го потпишува Протоколот за соработка. Кога го потпишал Џемали Мехази не е познато, бидејќи тој документ не е датиран. И уште еден куриозитет, вториот потписник на двата документи е Елек Штрауб, првиот извршен директор на Маѓар Телеком. Но, на двата документи има два различни потписа.
Потписот на Елек Штрауб на првиот и на вториот документ именуван како Протокол за соработка е различен.
Доколку се следи улогата на Гркот Никос Ставридис во логистиката при потпишувањето на двата документи, а за која зборува и екс-разузнавачот Богоески, можно е токму тој да е потписник на договорот со Мехази, или е во прашање некое трето лице?
Бордот на директори на МакТел се состанал на 30 мај за да ја одобри дивидендата за Владата на РМ.
Проблемот со Албанците
Следниот ден, на 31 мај, Андраш Балог и Елек Штрауб во меѓусебна преписка ги договараат и следните чекори кои треба да следат по потпишувањето на договорот. Балог информира за тоа до каде е Законот за телекомуникации и во детали му пишува на Штрауб како ќе се одвива исплатата на 10 милиони евра откако е постигнат Протоколот за соработка со македонскиот премиер и со албанските претставници во Владата.
Првиот проблем се Албанците. „Нико (Ставридис) смета дека Албанците ќе му го дадат документот (потпишаниот Протокол за соработка, н.з.), исто како и Македонците, откако ќе им исплатиме една третина од поединечните исплати.“
„Оригиналниот договор предвидува да се исплатат 10 милиони евра на 3 рати (првата веднаш, во декември 2005 и во јуни 2006).
Според Нико (Никос Ставридис з.н.) Албанците ќе го торпедираат договорот доколку за два месеца не добијат пари.
Би можеле да им исплатиме два милиона, по еден милион на македонската и на албанската консултантска фирма.
„Или можеме да им платиме два пати по еден милион само на Албанците“, пишува Балог.
Уште еден прилог во однос на „проблемите со Албанците“, е преписката меѓу Елек Штрауб и Михаел Гинтер од 25 мај. Двајцата менаџери на Маѓар Телеком се загрижени дека без одобрение од ДУИ не е можен договор. „Од самиот почеток проблемот е што добиваме контрадикторни пораки од Албанците, а министерот за Телеком е Албанец. Тие велат, доколку потпишеме само со премиерот, тие тоа нема да го почитуваат“, му пишува Штрауб на Гинтер.
Во вториот дел од пораката од 31 мај се зборува за изборот на новиот директор на МобиМак. Унгарците се незадоволни од предлогот Кире Наумов да биде нов директор. „Кире Наумов на разговорите во Будимпешта остави впечаток на целосна некомпетентност кај сите со кои се сретна“, пишува Балог. „Наумов е човек на претседателот (Бранко Црвенковски, н.з.) и тој лобира за него преку Грците. Според Нико (Никос Ставридис, н.з.), доколку не го поставиме Наумов, сѐ може повторно да тргне наопаку.“
Мицковиќ сугерира дека премиерот не го преферира Наумов, но би можел да го прифати Рубинчо Заревски.
Исплата и фиктивни договори
Фазата на „исплата“, односно реализација на Протоколот, се одвива преку серија консултантски и договори за лобирање кои ги склучуваат фирмите под капата на Маѓар Телеком во Македонија со фирми на Контоминас, најчесто „Чаптекс“. Познато е дека вкупно се исплатени околу 4,8 милиони евра, иако во повеќе преписки и документи се спомнуваат и суми од 7,5 односно 10 милиони евра.
Исплатата на близу пет милиони евра преку консултантските фирми на Кипар, според документот на американската СЕК.
Според доказниот материјал на Американската агенција за хартии од вредност – СЕК, првата исплата во износ од 340 илјади евра била извршена на 12 јули 2005 година, на 13 јули – 640 илјади евра. На 6 и 9 септември по 990, односно 980 илјади евра, на 11 април 2006 година две одделни исплати од по 450, односно 575 илјади евра, и последната исплата е извршена на 30 мај 2006 во износ од 900 илјади евра. Пет од седумте исплати се извршени од МакТел директно на кипарска фирма, а две од „Камени мост“.
Контоминас и неговите соработници претходно ги подготвиле кипарските оф-шор фирми, а во преписките со менаџерите на Маѓар Телеком тие се именуваат како „македонски“ и „албански“, веројатно во зависност од тоа за кого биле наменети парите.
Подетален увид во тоа како биле подготвувани овие договори дава една преписка меѓу Балог и Золт Херцег од правниот сектор на Маѓар Телеком, од 7 јули 2005 година, една недела пред да биде извршена првата исплата.
Херцег му објаснува на Балог детали за договорите меѓу МакТел и Чаптекс и како „правилно“ да се избере датумот
Херцог пишува дека ја „прочистил“ верзијата која претходно ја подготвил Кефалојанис, и му предочува да внимава дека „го вметнал 30 јуни како последен рок кога биле извршени обврските на консултантот кои произлегуваат од договорот“.
Тој исто така го предупредува Балог дека мора внимателно да се одбере и датумот на наводното потпишување на договорот меѓу МакТел и Чаптекс. Во евиденцијата на МакТел овој договор е заведен како потпишан на 1 мај 2005 година, а следните два на 1 јуни истата година.
Трите „исполнети“ обврски на консултантот биле: намалување на цената на фреквенциите од бараните 4,8 милиони евра на 2,7 милиони евра; постигнување договор дека сите засегнати години (2003-2005) ќе бидат ретроспективно опфатени со една исплата и подоцна нема да се бара никакво натамошно плаќање; и договор да се ограничи обврската за цената на фреквенциите за 2006 година на 1,2 милиони евра.
„Доколку консултантот го прифати овој договор, можеме да го искористиме и како основа за подготовка на три дополнителни договори“, пишува на крајот на пораката Херцог. Следните договори потпишани со Чаптекс во основата се исти како и првичниот, разликата е единствено во исполнетите обврски на консултантот кои понатаму ги тангираат и Законот за работни односи, колективните договори, правилата за учество на Синдикатот во преговорите за отпуштање на работници од МакТел, блокирањето на влезот на трет мобилен оператор… Практично, ова за што говорат менаџерите на Маѓар Телеком, во преписката е реализирано со Пртоколот за соработка која е потпишан повеќе од еден месец претходно. Три од консултантските договори со фирмите на Контаминас чија изработка се договара на 7 јули 2005 година, во архивата на МакТел се заведени како потпишани на 1 мај и 1 јуни 2005 година.
Првите два договора меѓу МакТел и „Камени мост“ од една и Чаптекс од друга страна. Американските власти се сомневаат дека датумите се фалсификувани и овие консултантски договори биле параван за исплаќање на поткупот
Продложува…
Целиот текст на Борис Георгиевски за аферата “Телеком“ прочитајте ја тука






