Рид се урна врз град во периферијата на Гватемала Сити и ја предизвика смртта на најмалку 25 лица. Стотици се водат за исчезнати, што значи дека бројот на загинатите најверојатно значително ќе скокне, соопштува “Ројтерс”.
Обилните дождови предизвикаа лизгање на тони земја, дрвја и камења врз градот Санта Катарина Пинула, кој се наоѓа во долината во близина на главниот град на Гватемала.
Свлечиштето ги срамни со земјата нестабилните куќи и ги принуди жителите на градот да се евакуираат и да ја поминат ноќта на отворено. Локалните медиуми покажаа снимки снимени од воздух, на кои се гледа срушениот рид и огромниот куп земјиште, вегетација и остатоци, кои опфатија целосно дел од градот.
Десетици спасувачки екипи пристигнале во градот. Нивната главна работа е да извлекуваат луѓе под уривање куќи и натрупаниот мебел. Често тие вадат луѓе закопани живи под тоните земјиште.
Шефот на Гватемалската агенција за катастрофи Алехандро Малдонадо објави дека околу 600 лица се водат за исчезнати по несреќата и дека се уништиле најмалку 125 куќи. Портпаролот на противпожарната додаде дека досега се пронајдени телата на 25 загинати.
Спасувачките активности продолжуваат и во моментов. Преживеаните од катастрофата се во шок.
“Чувствувам дека сум ги изгубила сите кои ги сакам затоа што сите мои соседи загинаа”, изјави Мелина Хидалго, која е мајка на три деца. Таа перела облека кога се слушнал силен татнеж и струјата запрела. Таа ги видела куќите на соседите, покриени со земја и кал. Паднатите електрични столбови фрлале искри, а луѓето врескале по улиците да ги бараат своите деца, раскажува таа.
Марта Гуиц стигнала од работа и ја нашла својата куќа закопана под земја. Таа не може да го пронајде својот 17-годишен син Дани, кој според неа бил внатре за време на катастрофата.
“Мојот сопруг сега е таму и копа за да го најде нашиот син”, изјави таа низ солзи. Оскар Раул де Леон успеал да избега со своето семејство, но сега го бара својот братучед, од кого нема ни трага. Единствено што открил се остатоците од куќата на својот роднина. Од Владата соопштија дека околу 600 лица учествуваат во спасувачките операции и ги расчистуваат урнатините во потрага по преживеани.
Властите ќе организираат засолниште за луѓето кои останаа без домови.




