Работата на црно или непријавена работа, и скриените приходи во претпријатијата се најголемите сегменти од сивата економија во Македонија. Таа е најзастапена во градежништвото, услужните дејности, туризмот, а по региони во полошкиот и југозападниот дел на земјата.
Невработеноста и недоволната доверба во власта се дел од неколкуте причини граѓаните да влезат во зоната на сива економија и да прифатат непријавена работа. Постигнат е одреден напредок во изминатите години, но и натаму треба да се работи на зголемување на економски раст и довербата во инстутуциите и на намалување на невработеноста. Според анализитите таа зафаќа од 24 до 47 проценти од БДП.
Ова се дел од ставовите на дел од учесниците на Форумот на јавни политики „Справување со скриената економија во Македонија: Користење на најдобрите ЕУ практики за раст и работни места“ што се одржува во организација на Центарот за истражување и креирање политики-Скопје.
Емил Шурков од Центарот за истражување и креирање политики-Скопје потенцира дека сивата економија ја има во сите држави, но, како што рече, во различни форми, во поразвиените е пософистицирана, а во понеразвиените како Македонија голем дел се однесува на заработка за преживување.
Најмногу скриена економија, додаде, најголем процент на скриена или сива економија има во полошкиот и југозападниот регион, каде има и најголем број невработени, а од сектори во градежништвото, услужните дејности, туризмот, но и дејности кои се вршат во домовите, како механичари, хаус мајстори, козметичарки…
– Мора да се внимава дека дел од овие работници се во ранливите категории долгорочно невработени, младинска невработеност, или се со ниски приходи поради што не може дирекно со репресивни мерки да се удри на оваа група на работници, истакна тој.
Треба, според него, да се зголеми свеста за потребата од плаќање даноци, бидејќи истражувањето покажало оти и оние кои можат да ги платат една петтина не би го направила тоа ако можат.
Смета дека намалените даноци влијаат на зголемувањето на приходите и опфатот на работници што како што рече, може да се види од фактот дека по воведувањето на рамниот данок прогресивното намалување на придонеси може да се види од скок на приходите.
Руслан Стефанов директор на економската програма на Центарот за изучување демократија-Софија смета дека Македонија и Бугарија во однос на ова прашање помалку или повеќе се на исто ниво.
– Најголемиот проблем овде се непријавената работа и скриените приходи во претпријатијата. Може да се види и дека невработеноста ги тера луѓето на влез во зоната на сивата економија, рече тој.
Додаде дека е постигнат одреден успех при работата на македонската Влада во подобрување на економскиот раст и намалување на сивата економија, но сепак, како што рече, треба да се работи уште. Сите политички партии и од македонскиот и албанскиот блок треба да работат да ја зголемат довербата на граѓаните и да работат на заеднички иницијативи за справување со овој проблем.
Колин Вилијамс професор по јавни политики од Школата за менаџмент на Шефилд Универзитетот смета дека високите даноци не се причина за неплаќањето, туку дека е тоа недоволната доверба на граѓаните кон власта.
За да се надмине ова, рече, треба да се промени ставот на граѓаните, но и институциите да не ги гледаат нив како како криминалци, туку да им се пристапи пријателски.
Доколку, како што потенцира, во моментов во Македонија нивото на прибирање даноци е највисоко од кога и да се претходно, тоа значи дека се зголемува довербата на граѓаните кон власта и Македонија е на патот на прогресот. /МИА
