Скандал на седницата на Советот на јавни обвинители, на Јанева ѝ одобрија само 7 од бараните 14 помошници

од desk3
86 прегледи

Скандал на седницата во Советот на јавни обвинители при одлучувањето за тимот на специјалната обвинителка. Членовите на Јанева не ѝ одобрија 14 помошници колку што таа бараше, туку само 7.

katica-janeva

Oд предложените кандидати не е прифатен ниту еден од скопското обвинителство.

Јанева за одлуката на Советот на јавни обвинители дозна од новинарските екипи, по завршувањето на седницата. Таа изјави дека не се согласува со одуката и најави дека стои зад својот тим од 14 јавни обвинители и ако е потребно секој ден ќе бара Советот да ја промени својата одлука.

– Со денешната одлука, Советот на јавни обвинители го прекрши Законот за специјално обвинителство, а со тоа и Договорот од Пржино. Јас стојам зад мојот тим од обвинители и ќе се борам до крај сите да бидат вклучени во работата – рече Јанева.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, не прецизираше точно по кој критериуми е донесена одлуката за тимот на Јанева да брои седум наместо 14 обвинители. Тој изјави дека тоа е направено земајќи го предвид бројот на предмети, по кои ќе постапува специјалното обвинителство и бројот на тимови што ги побарала Јанева, а нивниот број бил седум. Исто така, Аневски рече дека нивната одлука не значи дека е конечна и ако има потреба, бројот на обвинители ќе биде зголемен.

Членовите на советот на јавни обвинители, сепак, го одобрија предложениот финансиски план за работењето на Специјалното јавно обвинителство.