DW:Последни предупредувања до „анестезиолозите“ на Договорот

од Vladimir Zorba
152 прегледи

Се множат последните повици Договорот да успее. Ако тоа не се случи, ДУИ ќе го преипита своето учество во Владата. Повици до партиите да ја решаваат, наместо да ја продлабочуваат кризата, анализира Дојче Веле.

Под тежок превез на тајноста се водат последните разговори меѓу европскиот олеснувач Питер Ванхауте и претставници на партиската „четворка“. Партиите молчат, што укажува дека е договорена целосна дискреција во обид да се надминат несогласувањата и да се спаси европската перспектива на земјата.

„Во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот од Пржино, за да не се загрози интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ, соопшти вчера Ванхауте.

„Сметаме дека треба да се избегне какво било одложување на спроведувањето на Договорот. Земајќи ги предвид последните случувања, политичката работна група се договори да се фокусира на билатерални средби, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во специјалното обвинителство, како и именувањето на министри и заменици-министри во Владата. Откако ќе се постигне договор, ќе се свика средба со политичката работна група која официјално ќе ги одобри одлуките кои се донесени за време на билатералните средби“, соопшти Ванхауте.

Доколку има напредок, средба со политичката работна група која ќе ги одобри одлуките донесени на билатералните средби, најрано може да се закаже во среда, кога премиерот Груевски се враќа од посетата на Обединетите Арапски Емирати.

Дополнително време нуди и неофицијалната информација дека Извештајот на Европската Комисија може да биде одложен за уште една недела, бидејќи се чека да завршат изборите во Турција, закажани на 1 ноември.

И ДУИ ќе се преиспита!

Сите овие одложувања, го истрошија трпението на јавноста. Додека граѓаните очекуваат резултати, новинари и медиуми најавуваат „барикади“, како и дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ планира голем протест пред Собранието на Република Македонија, по урнекот на оној од 18 мај годинава. Иво Котевски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО- ДПМНЕ, вели дека во овој момент нема таков план.

„Преговорите се уште се во тек, живи се, не се прекинати. Но, за нас сите опции се отворени, без разлика дали преговорите се прекинати или не“, вели Котевски, не исклучувајќи дека тоа евентуално може да се случи понатаму.

Во недостиг од транспарентност и информации, засега се множат единствено шпекулациите. Случајно или не, вчера на социјалните мрежи проциркулирал и наводен документ од ЕК од октомври, во кој биле наведени одредени санкции/рестрикции кои би биле преземени кон лица од ПЈРМ, како и нивната вкупна бројка – 102. Оние кои имале можност да ја прочитаат неговата содржина, поради речникот употребен во него, се сомневаат дека документот е веродостоен.

Во меѓувреме, аналитичарите и натаму предупредуваат на огромните последиците за Македонија ако пропадне Договорот, но не само тие. Вчера, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, и министерот за економија, Беким Незири, кој говореше од позиција на шеф на изборниот штаб на ДУИ, се осврна на последиците за земјата ако пропадне Договорот.

„Македонија ќе влезе во политичка изолација. И не е толку важна политичката изолација, колку што е важна економската изолација. Ако влеземе во економска изолација, ќе се соочиме со уште посериозни проблеми. ДУИ во таков случај итно ќе ги свика партиските органи – Генералниот совет и Централното раководство, каде ќе се дебатира дали партијата и понатаму да биде дел од Владата. Но, мислам дека нема да дојде до тоа и дека ќе има решение“, изјави Незири.

Запрашан дали тоа значи дека ДУИ може да ја напушти Владата, Незири рече:

„Да, се разбира дека една опциите е да излеземе од Владата, но за тоа треба да се дебатира, да се направат анализи и да донесат одлука надлежните партиските органи“, потенцира Незири.

 

повеќе тука