Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година ја потпишавме буквално меѓу две престрелки. Дури и во конфликт правевме се, да за не го изгубиме евроатлантскиот курс“, укажува поранешниот премиер, во изјава за Дојче Веле

Силен одек во јавноста предизвика вчерашната заедничка изјава на амбасадорите на ЕУ, САД, Германија, Велика Британија, Италија и Франција, во која тие предупредија дека неуспехот да се исполнат обврските од Договорот ќе влијае врз оценката од Европската комисија и дека Владата, а посебно шефовите на владите, имаат посебна одговорност во време на политичка криза. Тие ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да го имплементира договорот„ итно, конструктивно и искрено“.
Високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ја коментираат изјавата на амбасадорите. Ист одговор има и Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на владејачката партија.
„Немаме коментар. Нашите ставови и конструктивни предлози и досега биле јавно соопштени. Нашата цел е насочена кон изборите на 24 април, на кои граѓаните ќе кажат на кого му ја даваат довербата“, вели Котевски.
Поефикасни во 2001 година
Поранешниот премиер, а денес лидер на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски, со внимание и загриженост го следи процесот за излез од кризата, во кој неговата и други помали партии не се директно вклучени.
„Очигледно, амбасадорите се позагрижени за иднината на Македонија отколку некои политички партии. Според нивната заедничка изјава, притисокот е насочен кон ВМРО-ДПМНЕ. По потпишувањето на Договорот беше многу направено и сега ќе биде навистина штета ако се дозволи тој да пропадне. Не смее да се дозволи Република Македонија да ја изгуби препораката за преговори со ЕУ, затоа што ќе ни бидат потребни 3 до 4 години за да ја вратиме назад. Во меѓувреме ќе влеземе во тежок круг на изолација, а Македонија тоа тешко ќе го издржи и поради нејзиниот мултиетнички карактер и поради економската и политичката ситуација“, предупредува Георгиевски. 
На поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не му е непозната сложеноста на преговорите, бидејќи тој беше дел од поранешната лидерска „четворка“, која учествуваше во преговорите со посредство на меѓународната заедница за излез од кризата, која во турбулентната 2001 година прерасна во оружен конфликт.
„Состојбата во 2001 година беше далеку потешка и посложена од денешната, но ние многу поефикасно дојдовме до решение и постигнавме договор“, се потсетува Георгиевски. Според него, она што денес недостига за да се реализира веќе потишаниот Договор, е „недостигот на чувство, волја и свест дека државата треба да оди напред“.
Тој оценува дека по осамостојувањето Македонија никогаш не била толку далеку од европските перспективи како што е денес.
„Дури и во конфликтната 2001 година, ние ниту за еден момент не отстапивме од заложбите за евроатлантски интеграции. Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година ја потпишавме буквално ‘во пауза’ меѓу две престрелки. Дури и во таква ситуација правевме се да за не го изгубиме евроатлантскиот курс на земјата. Зарем сега да го дозволиме тоа?“, вели Георгиевски.
Како се однесува и што прави власта денес? Во клучни моменти за опстанокот на Договорот, а со тоа и на препораката за преговори, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ замина во неколкудневна постета на Обединетите Арапски Емирати.
Повеќе тука