Процесот за затворање на извештајот за напредокот на земјите од Балканот е почнат, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.
– Внатрешниот процес за прифаќање на извештаите е почнат. Не сум во позиција да го соопштам точниот датум, но можам да кажам дека процесот е веќе почнат – рече Схинас.
Според првичните неофицијални информации, извештаите требаше да бидат објавени неделава, по завршувањето на изборите во Турција, но нивното објавување повторно е одложено.
Извештајот за Македонија најверојатно ќе биде објавен за една недела, во среда, со можност да се задржи препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но таа би била условена со неколку услови.
Првиот услов би бил целосна имплементација на договорот од Пржино и одржување фер и демократски избори, а според неофицијалните информации тука може да се најдат и други теми како судство и образование.
