Етничките Албанци од селата долж македонско-грчката граница кај граничниот премин Меџитлија масовно се иселуваат во западно европските земји, тврдат нивни сожители.
Жителите на селата Граешница, Лажец, Острец и Кишава кои во најголем број се занимаваат со земјоделие и сточарство и укажаа на Татјана Прентовиќ, претседателката на комисијата за земјоделие на СДСМ, дека се подготвени во секој момент да заминат во странство, незадоволни од аграрната политика на актуелната власт.
– Авион сега да слета и да не собере, ниту еден нема да остане по селата. Ќе ја оставиме и стоката и нивите и сите ќе заминеме. Едвај преживуваме од земјоделието. Субвенциите ги делат по мене по тебе, а потоа со казни и извршители ни земаат трипати повеќе – се жали Африм Теловски, земјоделец од селото Граешница, битолско.
Два дена Прентовиќ е во битолско-демирхисарскиот регион, за да ги види на терен проблемите на земјоделците, кои според неа во најголем дел исплашени и сиромашни се незадоволни од актуелните состојби.
– Селективната распределба на субвенциите е стара песна, а голема приказна за акуелната власт. Потребни се големи промени во земоделскиот сектор, ние имаме програма за тоа – им вети Прентовиќ.
