Обвинителството на Зврлевски не води истрага за случајот со пиштолот на Мијалков

од Vladimir Zorba
99 прегледи

 Случајот со пиштолот кој во авион го внел екс директорот на УБК Мијалков не се истражува во македонското обвинителство. Според обвинителството станува збор за дело сторено во друга држава , стои во одговорот на прес службата до Телма. mijalkov1-540x425-540x425

– Досега Основното јавно обвинителство Скопје од надлежни органи од Република Србија нема добиено известување за настанот за кој прашувате. Согласно законските прописи, кога кривично дело е сторено на територија на друга држава, надлежноста за евентуално поведување постапка ја имаат органите на таа држава- стои во одговорот на прес службата на прашањата на Телма.

Воздухопловниот експерт Благоја Марковски оценува дека тврдењето на обвинителството не е точно затоа што пиштолот е внесен на аеродромот во Скопје. Марковски  како експерт учествуваше во новата истрага за падот на кингерот и смртта на претседателот Трајковски.

Тој во телефонски разговор за Телма објасни дека пиштолот е откриен во Србија, но делото е извршено во Македонија каде оружјето се протнало низ аеродромските безбедносни процедури.

Во членот 303 од кривичниот законик има 6 наводи кога е загрозена безбедноста во воздушниот сообраќај.

“Тој што во воздухоплов ќе внесе експлозивна или слична направа или супстанција, ќе ја пропушти должноста за надзор врз безбедноста на воздушниот сообраќај или на друг начин ќе ја доведе во опасност безбедноста на летот” -е наведено во законот и за тоа дело се предвидени казни од една до десет години затвор.

По инцидентот на 15-ти октомври, Мијалков преку изјава за интернет портал соопшти дека пиштолот е лична негова сопственост и му се нашол во рачниот багаж кој не го проверил пред патувањето.

Доколку станува збор за случај од небрежност тогаш следува или парична казна или затвор до три години, стои во кривичниот законик. Но бидејќи обвинителството смета дека делото е сторено во странство тогаш нема ни истрага.  Од српското МВР ни кажаа дека се уште немаат информации од надлежната гранична служба на аеродромот во Белград за случајот.

По инцидентот 6-мина безбедносни службеници и официјални лица на аеродромот Александар Велики  беа казнети од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Интересно е дека во актуелниот закон за воздухопловство од 2007-ма е избришан членот 41 во кој децидно се забранува внесување на оружје во патничкиот дел од воздухопловот.

Дотогаш казната за тоа дело за патникот била до 50 илјади денари. Сега забраната за носење оружје во авион согласно меѓународните стандарди е наведена во уредбата за условите на безбедност во воздухопловното пристаниште.