АРМ го дематира „Катимерини“: Не се поставува ограда, туку за секој случај, само се расчистува теренот

од desk3
120 прегледи

На македонско-грчката граница не се поставува ограда, туку се расчистува и се подготува теренот за случај македонските власти да донесат одлука за поставување ограда, изјави за „Мета“, портпаролот на Армијата на Република Македонија (АРМ), потполковник Тони Јаневски.

migranti1

Со ова се демантираат пишувањата на грчкиот весник „Катимерини“, кој денеска објави дека македонските власти почнале со поставување ограда на јужната граница.

Активностите на јужната граница, вели Јаневски, се во согласност со заклучоците што беа донесени на состанокот на Советот за безбедност одржан на 14 ноември.

„Катимерини“: Македонија почна да крева ограда на границата со Грција

– Армијата на Република Македонија постапува во согласност со заклучоците донесени од Советот за безбедност и ги прави потребните подготовки кои се однесуваат на расчистување на теренот и планирање на потребните ресурси за евентуално поставување жичана ограда. Во моментот такво ограничување не се поставува и тоа би се случило доколку се оцени дека има таква потреба – вели потполковник Јаневски за „Мета“.

На состанокот на Советот за безбедност, меѓу другото, беше заклучено дека во случај на крајна нужда, на определен дел на јужната граница да биде поставена жичана ограда заради поголема контрола и ограничување на протекот на мигранти кои во земјава влегуваат од Грција.

Припадници на АРМ, од прогласувањето на кризната состојба, се распоредени на делот од границата со Грција како асистенција на полицијата во контрола и во обезбедувањето на границата и за подобра и поефикасна регистрација на мигрантите.

МЕТА