Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) подготви Колективен договор за системско решавање на проблемите во медиумската индустрија. Договорот предвидува регулирање на сите прашања кои произлегуваат од работата на еден медиум како плати, работно време, начин на напредување, избор на уредници како и правото на слободно и професионално работење.
– Овој колективeн договор е резултат на речиси една година подготовки, дебати, консултации со претставниците на медиумската сфера и со сите засегнати страни за тоа како системски да се решат проблемите во кои се наоѓаат медиумите. Додека работиме со казни и притисоци нема да известуваме балансирано и професионално. Колективниот договор ги регулира материјалните и нематеријалните права на вработените и го регулира статусот на оние кои не се вработени – вели Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.
Средба меѓу амбасадорката на ОБСЕ и министерот Спасовски:ОБСЕ бара фер избори
Чаусидис вели дека според договорот основната плата за медиумски работник со работно искуство од една до пет години да е државниот минимум што моментално е 20.000 денари. Освен тоа договорот предвидува и минимални хонорари, статусот на хонорарците да не биде поголем од една година, а приправничкиот стаж да не биде повеќе од шест месеци.
– Со договорот меѓу другото сакаме да ја вратиме и функцијата ментор во редакциите, да бидат заштитени авторските права, да е предвиден минимален хонорар, да нема одработување на одморот кој е законски загарантиран, да има флексибилно работно време и да го заштитиме работникот од системски мобинг – додава Чаусидис.
Наредни чекори, вели Чаусидис, се лобирањe и преговарање кај работодавачите за да го потпишат Колективниот договор со ССНМ и со тоа да се врати достоинството на професијата.
– Ние дојдовме во ситуација нашата професија да биде омаловажена, дискредитирана, понижена, а ние сега треба да и го вратиме достоинството, но не со закон зошто законот го носат политичарите, а тие не се заинтересирани за нашите позиции. Сега имаме готов документ со кој ќе тропнеме на врата кај работодавачите за да ги регулираме односите. Сакаме успешни, профитабилни и силни медиуми – рече Чаусидис.