Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изјави дека министерот за одбрана Братислав Гашиќ по коментарот упатен до новинарка на телевизијата Б92 не може повеќе да остане министер.

– Секогаш бев против хајки и секогаш го поставував својот грб и глава за сите мои министри кои беа изложени на напади. Се поставував себе си како штит, ги штитев од лажни напади. Со тоа ја штитев Србија, вистината и правдата… За ова што го направи Гашиќ не можам да најдам извинување, ниту оправдување, истакна Вучиќ, извинувајќи и се на новинарката на Б92 во име на целата Влада.
(ВИДЕО) На јарбол запалено знамето на НАТО во Цетиње- Црна Гора
Тој смета дека е добро што министерот за одбрана се извинил и покајал, но дека тоа не е доволно и „била лоша порака за сите жени“.
Гашиќ даде груба сексистичка забелешка кон новинарката, која клекнала пред него со цел да не влезе во фокусот на камерите додека тој давал изјава.
– Сакам новинарки кои лесно клекнуваат, изјави министерот, кој подоцна јавно се извини за своите зборови.
Опозициските партии и новинарските здруженија во Србија веднаш побараа смена на министерот од неговата функција, поради „срамното однесување, сексизам и вербално насилство“.