Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како што рече претседателот Насер Селмани, за четири година има регистрирано 24 напади врз новинари од кои половина биле во првите шест месеци од годинава.
“Овие бројки не се конечни затоа што доста новинари не ги пријавуваат нападите. Во Македонија се присутни сите форми на насилство, физички напади, вербални закани, насилно спречување да известуваат од настани, уништување на нивната опрема и имот”- рече Селмани, посочувајќи и дека ниту еден од напаѓачите не е изнесен пред лицето на правдата.

Претседателката на самостојниот синдикат на новинари- Тамара Чаусидис, зборуваше за насилството кое можеби не се манифестира со кршење на опрема, физичка пресметка или затворање на новинари, туку за тивката ампутација на `рбетот на медиумските професионалци која се случува секојдневно во редакциите.
“Имаме ситуација каде што и луѓе кои не се новинари произведуваат медиумска содржина, бидејќи луѓето по редакциите не го прават тоа, Тоа се случува затоа што и поставено прашање на прес конференција може да значи отказ за новинарот. Она што сакам да го посочам како проблем, е таа тивка импутација на интегритетот на новинарската професија. Стравот од губењето на работа, во ситуација во која пазарот се стеснува, понудата е голема а побарувачката мала, доаѓаме во ситуација луѓето навистина да прогласат професионален банкрот и да се согласат со што и да е за да обезбедат егзистенција. Проблемот е системски. Одговор на ваквата ситуација на системски мобинг, би бил еден колективен договор, во кој ќе се адресираат точките каде што уредниците се претвараат во слуги на менаџмнентот, а новинарите во луѓе од втор ред Мораме да го вратиме дигнитетот во професијата, но тоа мораме да го направиме реално, наместо со говори и празни флоскули”- рече Чаусидис
Груевски вели дека седум рунди бил удиран, а на осмата рунда “тој ќе мавал”…
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека сведоци сме, особено последниве две три години, дека тој евидентен притисок врз новинарството и пред се кон новинарите – кулминира, изразувајќи се и преку мноштвотото како вербални така и физички напади врз новинарите.
“Сето тоа, впрочем, прецизно нотирано и во сите релевантни извештаи на нашите партнери од ЕУ и САД, еве веќе неколку години наназад, ја динамизираше таа атмосфера на несигурност и страв меѓу припадниците на новинарската фела, предизвикувајќи натамошна деградација на новинарската професија и ускратувајќи ја јавноста, т.е граѓаните и општеството во целост, од клучните атрибути на отчетност, транспарентност, веродостојност. Штетата е многу голема, но не и непоправлива. Како министер за внатрешни работи, можам без никаква резерва да ја истакнам решителноста на МВР да се испочитуваат сите законски обврски и должности на институцијата во поглед на безбедноста во вршењето на новинарска дејност и истовремено да ја нагласам решителноста на МВР во расчистувањето на многуте досегашни случаи на вербални и физички напади врз новинарите, потенцираше министерот Оливер Спасовски.
