Ванхојте: Задоволен сум од договорот, останува уште многу работа пред изборите

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Белгискиот експерт и олеснувач во преговорите, Питер Ванхојт, го поздрави постигнатиот договор за експертите. Партиските лидери ги избраа Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Александар Чичаковски за независни експерти кои ќе бидат дел од деветочлениот состав на ДИК, а Ванхојт истовремено потсети дека ги чека уште многу работа.

raz
„Можам да кажам дека сите партии беа конструктивни. Се надевам дека ова е нов почеток на еден брз напредок, бидејќи претстои многу работа пред изборите. Се надевам ДИК наскоро ќе почне да работи, треба да избере генерален секретар и да биде добро организирана и функционална“, рече Ванхојт.

Белгискиот олеснувач потенцираше дека уште од утре ќе се преговара и договара за законот за медиуми, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за МРТ, МИА, а потоа и за омбудсманот и Антикорупциската комисија. Исто така го спомена и законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, за кој рече е „од голема важност“.

Во моментов нема рокови, додаде Ванхојт, но напомена дека се потребни итни реформи кои ги бара Европската унија.

„Состојбата бара итност. Што побрзо се договорат останатите работи, толку подобро. Договорот од Пржино е потпишан од четири партии и веруваме дека сите ќе го почитуваат и соодветно имплементираат“, рече Ванхојт.