Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов утре точно на пладне ќе го одржи традиционално Годишно обраќање во Собранието на РМ, но во отсуство на пратеничката група на СДСМ, која најави бојкот на овој настан.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали пратениците од СДСМ ќе го слушнат говорот на Претседателот и неговите заклучоци од изминатата година , координаторот на пратеничката група Ѓорѓи Сугарески рече дека нивниот став е познат многу одамна.
– Претседателските и парламентарните избори се криминални и наместени. Во Парламентот сме исклучиво заради договорот од Пржино. Немаме апсолутно никаква намера. Тој како прво за нас не е претседател, затоа што е избран на криминални и наместени избори, рече Сугарески.
Во своето обраќање пред новинарите тој револтирано зборуваше за однесувањето на неговите колеги , пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои според него продоложиле директно да го прекршуваат договорот од Пржино. Како пример го посочи гласањето против Законот за оформување на тимот на Специјалното јавно обвинителство.
-Никола Груевски се плаши од вистината, се плаши од правдата, се плаши од соочување на сопствената одговорност за сите овие 10 години, како и се плаши од потврдата дека оваа власт незаконски прислушкувала над 20.000 граѓани. Залудни се обидите на Груевски, вистината е незапирлив процес, рече Сугаревски.
Тој потенцираше дека уште во четвртокот напишал писмо до сите координатори на пратеничките групи, потписници на Договорот од Пржино и ги известил дека е спремен за Закон за СЈО, а денеска бил на дневен ред, но не бил гласан.