Во емисијата „Отворено“ каде тема беше политичката сатира, актерката Весна Бејби Петрушевска одговараше на прашање за нејзиниот ангажман на Сител телевизија, пред неколку години, кога ја водеше емисијата „Не ми е јасно“, каде ја исмеваше опозицијата.
Видеото започнува на прашањето до Петрушевска:
– Не беше моја авторска емисија, туку платена политичка програма, добивав текст кој што јас само го говорев. Го прифатив како задача, од почеток до крај. Доаѓав, го читав текстот и си одев. Имаше моменти каде што навистина не се сложував со нешто и се борев, имаше текст за некого да навредите, само колку да навредите. Во суштина тоа што беше нешто што не би го направила никогаш повторно. Секој има право на грешки во кариерата, и јас навистина го сметам тоа за моја грешка – рече Петрушевска.
Најчеста мета на емисијата „Не ми е јасно“ беа опозицискиот СДСМ, А1 телевизија и нејзиниот сопственик, Велија Рамковски. Емисијата започна да се емитува неколку месеци по „На рапорт со Јофе“, на А1 телевизија, а заврши со затворањето на А1 телевизија, со што се дополни впечатокот дека целта на емисијата била да и контрира на, во тоа време, најгледаната А1 телевизија и емисијата на Јофе.
Со сегашното признание на Петрушевска, дознаваме дека емисијата воопшто не била на Сител, туку платена политича програма, најверојатно на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како дел од војната против опозицијата во пресрет на парламентарните избори во 2011 и походот за затворање на А1 телевизија.