Јавниот обвинител Марко Зврлевски со месеци ја крие иницијативата со која се бара заштита на законитост и поништување на спогодбата што ја склучи обвинителството за гонење организиран криминал со велешанецот Звонко Костовски, еден од обвинетите во „Пуч“, вработен во МВР, пренесе порталот „Сведок“.
Зврлевски не одговара зошто иницијативата за БЗЗ не е процесуирана до Врховниот суд, ниту пак, зошто овој предмет не и е доставен на специјалната јавна обвинителка.
Адвокатите на обвинетите во „Пуч“ уште пролетоска поднесоа иницијатива до јавниот обвинител на Македонија за заштита на законитост против спогодбата, што ја склучи Костовски со обвинителите и за признанието дека прислушувал во МВР па материјалите му ги доставувал на Зоран Верушевски доби три години затвор.
Предметот според наши извори од Јавното обвинителство се паднал во работа кај јавниот обвинител Љупчо Јовески, но Зврлевски го побарал, го ставил кај себе во фиока и со месеци го држел таму. Пред почетокот на судењето за „Пуч“ предметот му бил вратен на Јовески кој напишал иницијатива, но истатата до сега не е пратена до Врховниот суд, ниту пак предметот е отстапен до Специјалното обвинителство.
До Јавното обвинителство со кое раководи Зврлевски поставивме прашања дали во меѓувреме предметот бил пратен во Врховен, зошто не едаден во специјалното обвинителство, но не добивме одговори.
Јавниот обвинител Јовески кој го имаше предметот од пред две недели е избран член на Советот на Јавни обвинители од редот на Јавното обвинителство на Македонија, па прашавме и што ќе се случи сега, дали некој обвинител „формално“ ќе го наследи предметот, но Јавното обвинителство ни на ова прашање не даде одговор.
Одбраната на обвинитетите во „Пуч“ инсистираше од самиот почеток на судењето да се изјасни Врховниот суд по нивната иницијатива (БЗЗ) за повреди во постапката со која беше склучена спогодба за признавање на вината со Костовски, како претходното правно прашање.
Адвокатите бараат поништување на спогодбата и истата да не се користи како доказ, ниту пак сега осудениот Ѕвонко Костовски да биде повикан за сведок, бидејќи судот при склучување на спогодбата не ја утврдил фактичката положба, а тоа е прашањето: кој прислушувал и кој ги користел материјалите.
Специјалниот обвинител кој бараше увид во доказите за „Пуч“ законски ќе мора да се изјасни и за спогодбата и в четврток на судењето се очекува да биде отворено и ова прашање, бидејќи по воспоставување на надлежноста над предметот „Пуч“ повеќе од јасно е дека специјалниот обвинител е надлежен и за судбината на спогодбата, која треба да оцени дали ќе ја користи како доказ, а Звонко Костовски ќе го вика како сведок.
Овде правно лебди прашањето дали Специјалниот јавен обвинител може да поднесе барање за заштита на законитост (БЗЗ) до Врховниот суд и да го застапува пред него, но ако веќе предметот им е отстапен во работа, ова може да биде добар тест за решенија кои не се доволно јасно пропишани во законот за специјалниот обвинител, кој наведува дека овој обвинител ги застапува предметите од Основен до Врховен суд, а доколку оцени може да покрене и тужби пред граѓанскиот суд (парница).
Со склучување на спогодба, македонските судови веднаш ги испраќаат на издржување на казна затвор тие кои склучиле спогодба. „Сведок“ се обиде преку затворите во Македонија да добие информација дали и Костовски е во затвор и каде ја издржува казната. Но вакво име не успеавме да најдеме на листите на затвореници.
Дали Костовски е во затвор и каде е уште еден интересен детаљ врзан за „Пуч“?.
