(ОБНОВЕНО) Преговорите во Пржино пропаднаа, нема договор меѓу партиите

од desk4
120 прегледи

han_przino (1)

По повеќе од осум часа преговори, пропадна обидот лидерите на четирите партии да се договорат за клучните поенти и да закажат избори и покрај учеството на меѓународниот фактор. Прв од средбата си замина лидерот на СДСМ, Зоран Заев , кој за медиумите изјави дека СДСМ  нема да учествува на избори ако се закажани за 24 април, поради тоа што Избирачкиот список не бил  прочистен и не се регулирани промените во медиумите.

– СДСМ продолжува да се залага за фер и демократски избори, повеќе детали ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден, вели Заев

Еврокомесарот Јоханес Хан е уверен дека избори може да се одржат на 24 април,  доколку сите партии останат посветени на исполнувањето на договорот од Пржино.

-Вечерва тројца од четворицата лидери беа сложни за датумот и гарантираа исполнување на обврските. Постои демократска определба за одржување на избори бидејќи има посветена влада и силна опозиција. Европската унија силно ќе ги надгледува изборите преку свои претставници и од европски институции. Досега се е хипотетички дали ќе се исполни договореното, изјави Хан.

Премиерот Никола Груевски вели дека Заев е единствениот кој не се држел до договорот од Пржино.

 – Тој единствено што бараше е одложување на изборите. Денеска не се говореше за никаква методологија за прочистување на избирачкиот список, ниту за медиумите. Единствено за одложување на терминот за избори. Тој знае дека прочистувањето на избирачкиот список може да се направи за многу кратко. Зоран Заев знае дека само во криза тој е актуелен. Кога нема криза не е актуелен – истакна Груевски.

Премиерот беше категоричен дека можат да се одржат избори на 24 април.

– Дека се можни избори на 24 април потврди и комесарот Хан и Европската унија и ОБСЕ и ОДИХР. За понатамошните чекори дополнително ќе информираме откако ќе направиме консултација – рече Груевски.

На новинарско прашање дали оставката сè уште важи, тој одговори  дека таа е депoнирана и дека ќе биде активна на 100 дена пред изборите.

Коалициониот партнер на Груевски,  Али Ахмети потврди дека освен опозицијата, останатите партии се сложиле на исполнување на се што предвидува договорот.

-Треба да се постигне консензус и ќе се разговара во наредните денови. Напор за консензуално решение треба да направат општите интереси на партиите, рече Ахмети.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи кој истовремено ја напушти средбата не сакаше да даде изјава, туку рече дека тоа ќе го направи еврокомесарот Хан.