Исклучените потрошувачи на топлинска енергија фактурата за декември лани можат да ја платат на ист износ како фактурата за ноември, соопшти денеска компанијата за снабдување со топлинска енергија „Балкан енерџи“ ДООЕЛ Скопје.
Според соопштението, исклучените потрошувачи фактурата за декември можат да ја платат во висина на изност на кој што го имаат добиено или пак во висина на изност на фактурата за ноември, во зависност од тоа за што сами ќе се определат.
– Со декемвриската фактура се врши порамнување за првиот дел од грејната сезона октомври-декември, при што тоа е направено и кај исклучените потрошувачи кои што се задолжуваат со фиксниот дел од надоместот за топлинска енергија. Бидејќи се работи за фиксен дел од надоместот за топлинска енергија снабдувачот им нуди можност на своите потрошувачи, особено оние кои што добиле повисока фактура при порамнувањето, да не се врши порамнување во декември и да продолжат со плаќање на истиот надомест како и претходните месеци. Конечното порамнување кај овие потрошувачи ќе се изврши по завршување на грејната сезона, односно заклучно со фактурите за мај, јуни и јули годинава, се вели во соопштението од БЕГ.
Гответе се за блокада на грчката граница, земјоделците планираат да ги блокираат ГП со тракторите
Напоменуваат дека оваа дополнителна можност се нуди само за исклучените потрошувачи на топлинска енергија, кои плаќаат фиксен дел и кај кои надоместот не е во зависност од топлинската енергија, но не и за приклучените потрошувачи кај кои што порамнувањето е извршено врз основа на потрошената топлинска енергија.
– Износот на порамнувачката фактура за декември за фиксниот дел од топлинската енергија е во зависност од бројот на грејните денови, ангажираната моќност на објектот, но и од периодот на приклучување на објектот на кој припаѓа потрошувачот, особено доколку се работи за нов објект. Поради овие причини кај одредени потрошувачи порамнувачката фактура за декември може да биде повисока иако се работи за фиксен надомест. Со цел да се избегне овој момент вашиот снабдувач ви овозможува фиксниот дел да се плаќа на еднакви рати се до крајното порамнување за грејната сезона, соопштува Балкан енерџи./МИА
