Британска, германска и холандска амбасада “во еден глас”: Чист избирачки список, балансирано медиумско покривање и еднаков пристап до медиумите

од desk3
279 прегледи

Британската амбасада во Македонија преку соопштение ги повика политичките лидери да постигнат консензус за отворените прашања, со цел да е обезбедат фер и демократски избори

britanska-ambasada

„Треба да се заврши уште многу работа за веродостојни избори, особено во однос на гласачкиот список, балансирано медиумско покривање и еднаков пристап до медиумите. Досегашниот напредок се засноваше на договор помеѓу четирите главни партии. Доколку се работи на изнаоѓање решение за продолжената и неповолна политичка криза, преостанатите прашања исто така треба да се решат со консензус – и на начин со кој сите партии ќе се вклучат во изборите и ќе го прифатат резултатот како волја на македонската јавност“, стои во реакцијата на британската амбасада, издадена по изборот на техничката влада која ќе ги спроведува изборите и одлуката на опозициската СДСМ да не учествува на изборите доколку се одржат на 24 април.

Германската амбасада во Македонија, исто така денеска преку соопштение ги повика политичките партии целосно да го имплементираат Договорот од Пржино и да се спроведат фер и демократски избори.

germanska-ambasada-skopje
„Спогодбата од Пржино и понатаму е во функција и мора целосно да се спроведе. За жал, притоа, сè уште постојат значителни одложувања во многу области. Оставката на премиерот и изборите се два од неколкуте важни составни делови. Овие избори мора да бидат веродостојни и инклузивни. Тоа може да бидат само доколку сите партии се уверени во тоа дека ќе добијат исти можности и шанси“, стои во реакцијата на германската амбасада по изборот на техничката влада и одлуката на СДСМ да не учествува на изборите.

Сите аспекти на договорот од Пржино треба да се испочитуваат и да се спроведат, а одржувањето на слободни, фер и инклузивни избори е еден од нив, се вели во изјавата на холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп по изборот на нова влада и најавата за избори за 24 април, на кои опозицијата рече дека нема да учествува.

„Суштината на овој политички договор или кој било договор не е во формалното исполнување, туку во вистинската посветеност и целосното спроведување на договорените реформи. Оттука, сите вклучени страни треба, без понатамошно одлагање, да работат заедно за да ги решат останатите прашања со цел да овозможат спроведување на веродостојни избори, со почитување на сите останати делови од договорот кој нуди долгорочно решение за политичката криза во Република Македонија“, се вели во писмената изјава на амбасадорот Пломп.