Најмалку 17 лица загинаа поради лошото време во САД

од desk3
92 прегледи

Снежна бура со силни ветрови парализира вчера голем дел од источниот брег на САД, формирајќи снежна покривка од 90 сантиметри, пренесоа американските медиуми.

Најмалку 17 лица загинаа поради лошото време, од кои повеќето во сообраќајни инциденти, соопштија американските власти.

2110981763

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио соопшти дека тројца њујорчани ги загубија своите животи, додека чистеле снег. Властите во Северна Каролина соопштија за шест жртви. Во Вирџинија и Кентаки има по двајца загинати, а во Арканзас и Мериленд – по еден, пренесе Франс прес, која има информации за 15 жртви. Во Мериленд починал 60-годишен маж, добил срцев удар, додека чистел снег пред својот дом, посочи ТАСС.

Поради силните снежни врнежи беше забрането движењето на автомобили во Њујорк, каде што беа затворени исто така аеродроми, мостови, тунели, железнички линии и дел од метрото, пренесе Франс прес.

Од ноќта на петок спроти сабота ниту еден авион не слетал или полетал од аеродромите “Џон Кенеди”, “ЛаГуардија” и “Њуарк” (во Њу Џерси). Седум илјади летови беа откажани вчера и денес на аеродромите во Вашингтон, САД и Њуарк, соопшти Специјализираниот сајт FlightAware, кој ги следи летовите во реално време, пренесоа агенциите.

Меѓу нив има откажани летови на авиокомпаниите “Јунајтед ерлајнс”, “Американ ерлајнс”, “Саутвест ерлајнс” и “Делта”.

Десетици илјади домаќинства останаа без струја во државата Њу Џерси, пренесоа агенциите. Возачи беа примени во засолништа на Црвениот крст во Кентаки, откако илјадници луѓе беа блокирани во текот на 20 часа на автопат во државата.
Поради снежната бура американскиот потпретседател Џо Бајден и министерот за одбрана Ештон Картер не можеа да се вратат во Вашингтон од патувањата во странство и авионите им беа пренасочени кон Флорида.