Грците од островите кои спасуваа бегалци ќе бидат номинирани за Нобелова награда за мир

од desk4
102 прегледи

Жителите на грчките острови кои учествуваа во спасувачката мисија на бегалците, ќе бидат номинирани за Нобелова награда за мир, со помош на националната влада, собјави денеска весникот “Гардијан”.

begalci-grcija-lesbos-650x396

Од 900 илјади бегалци кои влегоа во Европа минатата година, поголем број од нив беа пречекани од Грците кои живеат на островите  во Егејското Море.  Оставајќи ја својата работа, се вклучија во спасувачка акција во морето и помогнаа на илјадници бегалци  полесно да ја пребродат кризата.

Членови на академските кругови на универзитетите Оксфорд, Принстон, Харвард, Корнел и Копенхаген подготвуваат официјално барање за доделување на престижната награда на локалните жители на островите Лезбос, Кос, Хиос, Самос, Родос и Лерос.

Рокот за номинации завршува на 1 февруари, а грчкиот министер задолжен за миграцијата, Јанис Музалас, веќе понудил поддршка од страна на Владата.

Членовите на академските кругови истакнуваат дека жителите на државата, која самата се бори со економска криза, дале доказ за „емпатија и саможртва”, прибирајќи во сопствените домови луѓе кои останале без покрив над главата, болни и повредени.

Само лица и организации може да ја добијат Нобеловата награда, па најверојатно „мрежите за солидарност” на островите – групи на волонтери кои помагаат на бегалците, или поединци од овие групи ќе фигурираат во официјалната номинација, забележува „Гардијан”.

Петиција за поддршка на номинацијата, објавена на сајтот на организација Авааз (Avaaz), веќе е потпишана од 280.000 луѓе.