ВМРО-ДПМНЕ предлага два уредника за МРТВ, еден од власта и еден од опозицијата

од desk3
94 прегледи

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел биле предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите на вчерашните работни групи во Клубот на пратениците, дознава „Мета“.

protest-na-novinari-pred-klub-na-pratenici-4-860x680

Според нашите информации, Никола Тодоров, кој ја предводи работната група на владејачката партија, предложил финансирањето на МРТВ да биде на два начина. Едниот начин е да се финансира преку буџетот, а вториот преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложило Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

– Од владејачката партија предлагаат Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од нив по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора – брифираат за „Мета“ извори од работните групи.

Исто така, дознаваме дека ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната средба предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.

На вчерашната средба на работните групи не се разговарало многу за методологијата за прочистување на избирачкиот список. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја прифатија методологијата од ДИК и се очекува да одговорат на амандманите предложени од СДСМ.

Денеска попладне продолжуваат преговорите на политичките партии во Клубот на пратеници, каде, исто така, паралелно ќе се разговара за медиумите и за прочистување на избирачкиот список.

 

МЕТА