Продолжуваме со откривање на злоупотребите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Денеска презентираме нови докази коишто потврдуваат ново кривично дело, класичен судир на интереси директно поврзани со министерот Михаил Цветков.
Во 2014 година, Никола Груевски на фирма неговиот коалиционен партнер Љубисав Иванов Ѕинго, газдата на Сител телевизија, преку тендер од МЗШВ, му дал речиси половина милион евра за чистење на канали за одводнување и наводнување.
Овие официјални податоци на Бирото за јавни набавки го потврдуваат токму тоа:
Фирмата „Силекс неметали“, во сопственост на „Силекс АД Кратово“, е една од фирмите што склучила договор со МЗШВ за чистење на каналите за одводнување и наводнување за околу 28 милиони денари или близу половина милион евра.
Ова пак се официјални податоци од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој коишто потврдуваат дека на „Силекс неметали“ и биле исплатени околу 23 милиони денари, за чистење на каналите за одводнување и наводнување, за 2014 год.
Апсурдно, според официјални податоци на истата агенција, следната 2015 година, за штети од поплави поради неисчистени канали се исплатени над 5 милиони евра.
Во истиот овој период кога фирмата „Силекс неметали“, во сопственост на „Силекс АД“ го добива тендерот министер за земјоделство е токму Михаил Цевтков.
Но овој скандал не завршува тука. Кога „Силекс неметали“ го добива тендерот и кога се исплатени парите преку Агенцијата, Михаил Цветков во исто време е министер за земјоделство и член УО – Силекс АД Кратово! Тоа го покажуваат официјалните документи од ЦРМ.
Министерството раководено од Михаил Цветков склучува договори со фирмата во којашто тој е член на Управниот одбор доделувајќи и половина милион евра.
Ова е скандал од огромни размери, класичен судир на интереси, злоупотреба на државни институции и злоупотреба на парите на граѓаните за бизнис интересите на фамилијата.
Не е доволна оставка од Цветков. Ги повикувам итно Државната комисија за спречување на корупција, обвинителствата и надлежните институции да покренат постапки, истраги и одговорност веднаш! Ние тоа ќе го направиме во интерес на граѓаните и земјоделците.
Дополнително, ова се докази дека милиони евра, пари на граѓаните, секоја година се одлеваат за фабриката за лаги на Никола Груевски.
Додека земјоделците мака мачеле со поплавите ширум Македонија нивните пари се злоупотребувале за јакнење на медиумскиот мрак што го создаде фамилијата и за црните кампањи против опозицијата.
Во министерство раководено од кадри на Ѕинго милиони се префрлаат во фирми токму на Ѕинго. Системскиот криминал на фамилијата не познава граници.
Ова е класичен пример за корупција на медиумите. Затоа Груевски не сака слободни медиуми и бега од слободни, фер и демократски избори.
Едно е јасно. Одговорност за овој случај мора да има и ќе има. Секој што го прекшрил законот ќе одговара.
