Зошто се потребни антивладини медиуми!

од Vladimir Zorba
68 прегледи

 

 

Со желба да избегнам некои дури и добронамерни погрешно да ме разберат, прво ќе ја објаснам разликата меѓу независен и антивладин медиум. Јас под „независен‟ подразбирам само целосна уредувачка слобода, т.е. уредниците и новинарите можат да бираат теми и соговорници само во согласност со своето сфаќање на професијата, а во рамки на договорената уредувачка политика и буџетот. Значи, можно е да се биде и независен провладин медиум. Исто како и антивладин.344029-zaev-povtori-mediumite-mi-se-politichki-neprijateli

Сите би сакале медиумите секогаш да бидат објективни, неутрални и избалансирани, но пазарот често диктира некои други услови. Секако, под услов навистина да зборуваме за пазар, а не за распределба на парите во согласност со политичкиот интерес. Секој сопственик, па така и медиумскиот, во принцип го интересира профитот. Тој ја дефинира целната група за која смета дека може да му донесе најголема читаност, слушаност и гледаност; во саканата целна група. Како знае и умее, но да биде што поевтино. Легитимно. Човек сака пари и тука нема ништо лошо.

Медиумите ја одредуваат нивната професионалност и почитување на одредени стандарди како во уредувачката така и во деловната политика. Кога новинар измислува, тоа е исто како и кога весникот се продава по непазарна цена. Новинарите кои така се однесуваат не се дел од оваа чесна професија, исто како што добар дел од она што денес можете да го најдете во трафиките или во етерот не може да се наречат медиуми. Сега кога ги разјаснивме основните дилеми, гласно ќе кажам: Мислам дека денес на Србија и се потребни независни, приватни, антивладини медиуми.

Мартовските избори ја исчистија опозициската сцена. Некаде остана по некоја (опозициска) цигла. И таа сериозно е оштетена. Од друга страна имаме нешто што дури повеќе не може ни да се нарече медиум, туку печатен, дигитален, видео или аудио режимски клуб. Тука работат „новинари‟ кои го препишуваат тоа што ќе им се достави, смислуваат и измислуваат се што би можело да нанесе штета на тие кои не ги поддржуваат владејачките партии, или по налог на своите сопственици, отвориле свои страници и фреквенции за највулгарна политичка пропаганда на актуелниот режим. Некои тоа го работат со уживање. На некои тоа не им е прв пат, бидејќи и порано биле подготвени да се стават во служба на власта. Малубројните се срамат, но немаат ни со кого ни каде. Основниот фактор кој влијае на ваквата медиумска состојба е српскиот медиумски пазар кој медиумите ги става во целосна економска зависност од тие кои располагаат со буџети. Без разлика дали тие буџети се наменети за огласувања или за разни медиумски проекти.

Клуч на се е економска независност на медиумите. За тоа ни се потребни институции кои ќе ја работат својата работа без оглед кој е на власт. За тоа, повторно, мора да постои баланс меѓу власта и опозицијата. Таков, што едните ќе се плашат од другите, а заедно ќе се трудат на народот да му биде што подобро. Тогаш медиумите би можеле да бидат коректор на општествените прилики и заштитници на интересите на јавноста. Можат да бидат неутрални, но и не мора. Но, мора да бидат професионални.

Не би имало „медиуми‟ и „новинари‟. Системот, оличен во своите институции, тоа не би им го дозволил. За да дојдеме до тој стадиум, прво мора да имаме опозиција.

Опозициските (според уредувачкиот концепт) медиуми ја поддржуваа и помагаа опозицијата во 90-тите години. Можеби сме заборавиле, но на тогашното Радио Б92 можеа да се слушнат не само „демократите‟, туку и сите антимилошевиќки опции. Многу од нив, благодарение токму на Б92, за секогаш останаа на маргините, бидејќи овој медиум ги дискредитираше нивните ставови во директни разговори со нивните творци. Денес многу медиуми прават дека екстремна десница не постои, а потоа се чудиме кога од дигиталниот свет, каде го собира своето членство, доаѓа директно чекор од цензусот. Или уште полошо, на улиците или во училиштата. Само аргументирана критика може оваа групација да ја стави таму каде што и е местото, на општествените маргини.

Владините и провладините медиуми секогаш користат прилика да ја критикуваат опозицијата. Така им е наредено. Исто како што им е наредено да не ја критикуваат власта, освен кога тоа самата го сака. Медиумите кои во Србија се потребни, всушност мора да бидат антивладини. Да укажуваат на секој, макар и на најмалиот пропуст на власта. Затоа што секој таков пропуст ги скапо ги чини обичните граѓани. Треба да бидат еден вид „сигурна куќа‟. Место каде опозицијата ќе собере сила пред повторно да излезе пред „насилникот‟. „Зошто медиумите треба да го прават тоа?‟ ќе прашаат тие кои веруваат во истото во кое верувам и јас сите овие години. Затоа што дури тогаш, како што реков, ќе се создадат предуслови за економска независност. Тоа, секако не значи дека тие медиуми треба да го работат тоа што го работат овие сегашните владини т.н. медиуми. Најголема штета на опозицијата би донел некој нивен Курир, Информер или Пинк.

Кредибилитет се стекнува со професионализам, а не со бараната неутралност, кој во развиените демократски системи е само еден од можните уредувачки пристапи. Во тие системи, откако некој ќе зачекори во непрофесионализам, институциите тргнуваат во акција. Професионалните здруженија ќе си го кажат своето, а секако и судовите. На работата на огласувачките агенции ќе влијаат клиентите, а не политичарите. Медиумските проекти ќе бидат раководени од интересите на граѓаните, а не од политичките партии. Многумина веднаш ќе прашаат: „Кој ќе ги финансира таквите медиуми?‟. Ако е тоа најтешкото прашање, тогаш веќе сме на вториот чекор. Тоа би значело дека се уште постојат доволно храбри новинари и уредници кои би се впуштиле во ваква авантура. Намерно велам храбри, бидејќи веднаш би биле третирани како внатрешен непријател. Впрочем, видовме како лесно се станува екстремист во Србија.

Ако има среќа, овие медиуми би требало да се финансираат на ист начин како и сите останати. Држава која бара реформи мора да сфати дека постојат барем 500.000 луѓе кои не го поддржуваат Александар Вучиќ, но и тоа дека и тие треба да јадат, возат автомобил, да купуваат облека и чевли, да одат на летување (ако можат), да штедат во банка, разговараат на мобилен телефон… Или можеби државата има нешто друго на ум за тие луѓе? Притоа мислам само на тие кои гласале, а се сомневам дека и меѓу тие речиси 50 отсто граѓани кои не излегле на изборите има уште такви.

Да е паметно, владејачкото мнозинство би ги охрабриле огласувачите да користат такви медиуми, а не да им го забранува тоа. Впрочем, ако навистина сака во ЕУ, ете едноставен тест и предизвик. Па, или сакаш, или не сакаш. Ако владејачкото мнозинство не сака да го ослободи медиумскиот пазар од свое влијание, мора прво да се соочи со многу јасната критика на меѓународните институции кои ќе го следат тој пат на Србија кон ЕУ. Не само вербална. Ако ни тоа не е доволно, ќе мора, исто како и во 90-тите, да се креираат странски фондови наменети за медиуми кои не сакаат да учествуваат во натпревар со врзани раце и нозе, а можат сериозно да придонесат за демократизација на Србија. Сето тоа би не вратило 25 години наназад, но тоа е мала цена во однос на тоа што не чека – Србија без медиуми. И уште многу работи.

Новите технологии овозможуваат и корисниците на тие медиуми да обезбедат финансиски средства за нивното постоење. Некој вид на доброволна претплата. Таа претплата може да биде и дел од сопственички влог во некоја варијанта, но предуслов за тоа е доволен број на луѓе да сфатат дека им треба такво нешто. На овој начин сигурно не би можела да се покрене некоја ТВ или национална радио станица, но би можело да биде доволно за информативен веб портал. Со видео и аудио компоненти. Дури и тогаш, постоечкиот систем има многу начини да спречи такво нешто, но ако ништо друго, барем владејачкото мнозинство ќе ги стави тие свои репресивни механизми во функција и со тоа ќе го покаже своето лице.

Ние денес имаме опозиција во мали траги. Ако ова не чини, ќе се прави некоја нова. Нема да ја имаме ако продолжиме да се претвараме дека ние кои работиме во медиумите тука ништо не можеме да направиме. Дека тоа не е наша работа. Да, исто како и тоа, преку отворен медиумски дијалог да дојдеме до вредност на системот кој ќе не прави горди што живееме во Србија. Дури и кога (привремено) сме надвор од неа

Б92 – Белград