Европската унија денеска одобри дополнителни десет милиони евра за помош на Република Македонија во справувњето со кризата со бегалците.

На денот кога во Прага, Унгарија, Словачка, Чешка и Полска, како Вишеградска група, со Македонија и Србија утврдуваат билатерална помош со цел запечатување на границата кон Грција за да се спречи мигрантскио наплив долж западно-балканската мигрантска рута, Брисел определи дополнителна програма од десет милиони евра во помош за Република Македонија да ги подобри своите системи за гранично управување и управување на миграцијата во контекст на бегалската криза.

Според еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, миграцијата е по својата природа регионално прашање и тој посочи дека ЕУ е подготвена да продолжи да им дава помош на земјите од Западен Балкан што се соочуваат со слични предизвици.

– Бегалската криза предизвика особено висок притисок на земјите по должината на рутата и Европа мора да остане обединета во справувањето со оваа ситуација. Новото финансирање ќе им помогне на властите на ПЈР Македонија за подобрување на управувањето со границата и со миграцијата, како и поддршка на нивните трошоци во врска со офицерите-гости испратени од страна на земјите-членки на ЕУ и Србија на јужната граница на земјата. Оваа поддршка е комплементарна на преземените активности за поддршка на Грција, вклучително и преку ФРОНТЕКС, истакна Хан.

migranti

Во овој контекст, Унијата денеска определи дополнителни 12,7 милиони евра помош и за Грција. Портпаролката на Европската комисија, Тове Ернст, во однос на состанокот во Прага на Вишеградската група со Македонија и Србија на која се дискутира затворање на границата кон Грција за бегалци и одбрана на ЕУ и на Шенген-зоната на македонска територија, посочи дека ЕК ја поздравува помошта за Македонија од страна на земјите-членки на ЕУ за подршка на контролата на границата со Грција преку обезбедување на полициски офицери и опрема.

– Важно е дека секоја активност за имплементирање на операцијата треба да биде во соработка со грчките власти и Фронтекс, кои исто така се присутни на грчко-македонската граница. Во овој контекст, дополнителна помош од десет милиони евра е определена за ПЈР Македонија да го подобри управувањето со границата во контекст на бегалската криза. Оваа помош е посебно за подобрување на способностите за управување со границата и миграцискиот наплив, преку систематски проверки и набљудување на границата, идентификаицја и регистрација на лица од трети земји. Посебно сакаме да истакнеме дека оваа помош не е да се финансира изградба на некакви огради и ЕК сака и помага да се менаџира, а не да се затвори границата, порача портпаролката Ернест.

Главниот гласноговорник на Еврокомисијата, Гркот Маргаритис Схинас, пак, посочи дека желбата на Брисел е да има „Европски одговор на бегалската криза“. Тој исткана дека е корисно за земјите-членки на ЕУ да дискутираат, но дека ЕУ-одговор се развива изминатите месеци и тоа останува главен одговор.

– ЕК не смета дека затворањето на границите е одговор. Ние преферираме менаџирање на границата. Ќе сториме се што можеме да ги поддржиме нашите змеји-членки и земјите што се погодени со оваа криза да се соочат со ова движење на население, најголемо по Втората светска војна. Што се однесува до Грција, според нашите препораки извештаи, забележан е голем напредок во Грција и се надеваме дека моментумот ќе продолжи. Европскиот одговор на бегалската криз ќе биде направен со Грција, а не против Грција – порача портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас.

Во однос на денешните одлуки на ЕК, во Советот на Европската унија, на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, веќе се дискутира и сериозно разгледува можноста за суспензија на Шенген-системот на две години, што дефинитивно ќе значи сигнал за запечатување на македонско-грчката граница и одбрана на ЕУ од бегалците на територија на Република Македонија.

Слични содржини