Денеска продолжува судењето за Диво насеље со сослушување сведоци. На претходното рочиште сведочеа петмина, од кои четворица полицајци кои биле нападнати во полициската станица Гошинце, пред настаните во Куманово, и еден очевидец од Диво насеље. Сведочењето се одвиваше без присуство на новинари. Скопскиот Кривичен суд е под полициска опсада, движењето од двете страни на зградата на судот е ограничено во исчекување да почне новото рочиште во судењето за „Диво насеље“ на кое ќе бидат сослушани сведоците.

Полицајците за време на сослушувањето, изјавиле дека биле нападнати од две групи, кои ги претепале и им го одземале оружјето. Групата, како што рекоа полицајците, земала оружје од магацинот на полицискиот пункт. Им ги одзеле телефоните и униформата, а потоа ги ослободиле. Полицајците објасниле дека подоцна успеале да воспостават контакт со полициската станица и да го пријават случајот.