На македонско-грчката граница денеска околу 11 часот околу пет илјади мигранти се обиделе насилно да влезат на територијата на Република Македонија, при што биле спречени од страна на македонската полиција.
Мигрантите, кои фрлале со камења и тврди предмети кон македонската полиција, повредиле еден од полициските службеници и ја оштетиле капијата на железничката пруга.
Од МВР информираат дека полицијата употребила солзавец за да се спречи нелегалното влегување на мигрантите во Македонија и тие се спречени во намерата и вратени на грчка страна.
https://youtu.be/PEaoH5uVZY8
Како што јави дописникот на МИА од Атина, бегалците во Идомени на грчко-македонската граница во моментов одржуваат мирен протест со окупирање на железничката пруга, откако претходно се обиделе да ја урнат оградата.
Грчката државна новинска агенција АНА-МПА јави дека македонските власти во моментов ја поправаат оградата, а на самото место има и полицајци.
Железничката пруга е затворена, а од 50-тина бегалци кои требало да влезат во Македонија, само 10 успеале да ја преминат границата, поради напнатоста што доведе до затворање на граничниот премин, информира агенцијата.
Инцидентите почнаа откако меѓу бегалците од грчка страна се рашири информација дека границата ќе биде отворена за сите, иако се работеше за момент на отворање на оградата за да бидат првично пропуштени 50 бегалци. Огромен број луѓе почнаа да трчаат по шините кон македонската ограда во надеж дека ќе успеат да преминат.
Не се знае дали погрешната информација била тактика на група бегалци да се собере поголемо јадро за да се изврши притисок врз полицијата да ги пропушти да поминат.
Мигрантите ја пробиле оградата кај Гевгелија, полицијата со солзавец се обидува да ги врати
Македонската полиција при напливот на бегалци се обиде да ја засили оградата со дополнителни железни столбови. Првиот одговор на дополнителното засилување на оградата беа врисоци и повици да се отвори портата и да им се дозволи патувањето, а потоа група бегалци почнаа да ја каменуваат полицијата.
Во знак на револт бегалците влечеа дел од оградата и успеаја да срушат дел од неа. Полицијата на немирите одговори со шок бомби и солзавец со цел да се разбие толпата и да се стопираат дополнителни инциденти.
За потсетување во бегалскиот камп на Идомени има над 7.000 бегалци кои со денови чекаат да бидат пропуштени и да го продолжат патот кон другите европски држави.