Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева , денеска преку писмено соопштение информираше кои државни институции одбиваат да постапуваат по нејзините барања. Поради ваквата состојба таа побара измена на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата. Според неа тоа би бил начин за справување со оние кои не сакаат правдата да излезе на виделина.
“Имено за соработка со ова Јавно обвинителство од страна на бројни институции се наметнуваат нови правила, се одбива да се постапи во роковите определени од јавниот обвинител и се изигурваат законските одредби кои пропишуваат обврска за соработка со јавното обвинителство при разоткривање на криминалот. Воедно определени јавни службеници и државни функционери, наместо да соработуваат со ова Јавно обвинителство и да ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела, се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот.
Од институциите кои одбиваат соработка со ова Јавно обвинителство првенствено би ги споменале Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Сосем случајно од страна на Управниот суд до ова Јавно обвинителство, веројатно поради технички пропуст доставени се во целост списите на еден управен предмет кој бил побаран од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија на увид. Оттука јасно се забележува дека кога се работи за барање за доставување предмети на увид упатено од страна на други обвинителства во Република Македонија, на ваквите барања во целост се удоволува, додека доколку од наша страна е упатено барање, Судот одбива да постапи по истото. Поради неконзистентната пракса на работењето на Управниот суд исто така ќе бидат поднесени претставки до Судскиот совет на Република Македонија.
Прекинато судењето за “Диво насеље”- адвокатите го напуштија судењето, судот ги казни…
Што се однесува до Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција укажуваме дека и овие две обвинителства одбиваат да постапат по наши барања. Имено, на наши упатени барања за доставување на предмети на увид, Основното јавно обвинителство Скопје не известува дека увидот може да се изврши во нивните простории и без законски основ одбива да ни ги достави предметите на увид. Воедно јавноста веќе е запозната дека ние упативме барање до овие две обвинителства за доставување на предмети со цел да се произнесеме за надлежност врз таквите предмети. Иако членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е јасен, сепак овие две обвинителства не ни ги доставија предметите. Појаснуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје надвор од сите законски одредби предметите ги доставило до Советот за јавни обвинители, тврдејќи дека се работи за предмети кои не се поврзани ниту произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, додека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за дел од предметите кои се побарани воопшто не постапило по нашето барање и во рок од 8 дена ниту не известило, ниту предметите ги доставило до ова јавно обвинителство. Единствено сме известени дека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по барање на Советот на јавни обвинители, таму го доставило предметот „Маѓар Телеком“. Појаснуваме дека ниту една друга институција нема на увид со какви се разговори ние располагаме и во оваа насока единствено ние можеме да се произнесеме дали одредени предмети се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа насока законот е јасен и сите институции се должни да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од законските одредби. Предвид наведеното ќе бидат поднесени претставки за работа на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители.”-посочи Јанева.
По ова нејзино сооптение се огласија Обвинителството и Катастарот
Обвинителството во своето соопштение вели:
“Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство – Скопје реагираат на денешното соопштение на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во кое се наведени како институции што одбиваат соработка со истото.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство – Скопје ја известуваат јавноста дека не се точни наводите за одбивање на соработката со Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. До сега на сите барања доставени од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите овие две обвинителства постапиле соодветно и навремено. Сите првично побарани предмети се доставени со севкупната расположлива документација во законски утврден рок за што јавноста беше информирана. Имајќи ја предвид одредбата од член 7 став 3 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, мал дел од дополнително побараните предмети од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје се проследени до Советот на јавните обвинители како единствено надлежен орган пред кој Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е одговорно за законито постапување. За оваа постапка Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и јавноста беа писмено известени.
По однос на предметите што Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ги побара на увид, истото е известено дека во секое време може непречено да изврши увид во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје, согласно чл.57 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства со кој е уредена постапката за разгледување и препишување на списи.
Погоре наведеното, неспорно укажува дека обвинителствата се отворени за соработка со Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и дека нема пречки за остварување на истата во законски утврдени рамки.
Воедно, Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека по повод поднесените кривични пријави против лицата од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, до истото упати повеќе покани што согласно Законот за кривична постапка треба да бидат доставени до лицата за кои се наменети. За сите покани до Основното јавно обвинителство – Скопје е одговорено од страна на Јавниот обвинител што раководи со Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дека цитираме: „Во врска со поканата упатена до …, Ве известуваме дека лицето нема да даде исказ во означеното време како што е наведено во поканата. Согласно одредбите од Законот за кривична постапка и чл.10 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите потребно е детално да ме известите за причините за повикување на …. и тогаш ќе биде врачена поканата.“
Сето ова, упатува на заклучок дека Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не соработува и постапува спротивно на законот спречувајќи го расветлување на случаите што се во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје, а во кои се инволвирани лица од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во тој контекст, ја подржуваме иницијативата за воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата со цел да се отстранат опструкциите со кои се соочува Основното јавно обвинителство – Скопје во своето постапување, а кои во иднина може да се појават и во надлежно постапување и на другите обвинителства.”
Од Агенцијата за катастар на недвижности го испратија следново соопштение:
“Во врска со соопштението на Специјалното јавно обвинителство дека Агенцијата за катастар на недвижности одбива да соработува, сакаме да ја информираме јавноста дека сѐ што е побарано од Специјалното јавно обвинителство е одговорено согласно со позитивните законски прописи. Исто така, сакаме да потсетиме дека податоците на Катастарот се јавно достапни 24 часа онлајн, преку веб-страницата www.katastar.gov.mk и преку електронскиот шалтер на Агенцијата. Покрај ова, секој заинтересиран граѓанин или институција во секое време може да направи увид и да побара препис од сите документи со кои располага Катастарот.”


