Во официјален документ на Европската комисија пишува дека грчките власти не извршиле целосна регистрација на мигрантите поради “грешка во софтвер
Во официјален документ на Европската комисија пишува дека грчките власти не извршиле целосна регистрација на мигрантите поради “грешка во софтверот”. Документот е од 4-ти март оваа година и во него го пишува буквално следново: Грција има проблем со грешка во софтверот и поради оваа причина не може да зема отпечатоци од бегалците и да врши целосна регистрација. Тоа практично значи дека во базата на податоци на ЕУ недостасуваат основни информации за мигрантите и бегалците кои поминале низ нашиот јужен сосед. Во документот се истакнува дека пограничната служба на ЕУ Фронтекс треба до 15-ти март да ги наведе сите нивни потреби за мандат во Грција.
Локално.мк потсетува дека од Грција во Република Македонија поминаа над 750 000 луѓе. Од почетокот на оваа година нивниот број е околу 90 000 луѓе. Властите во Атина организирано ги транспортираат со автобуси и возови сите мигранти до македонскиот пограничен град Гевгелија. Денес во Брисел ќе се одржи самит на ЕУ – Турција со цел да биде најдено решение за миграција криза.