Следење на континуитетот во работењето на МАНУ и барање одговори на новите предизвици на времето со зајакнување на советодавната функција на Академијата ќе бидат основните постулати во Програмата за работа на Македонската академија на науките и уметностите во 2016-та, рече во своето експозе претседателот на МАНУ Таки Фити, кој стапи на чело на научната институција од почетокот на годинава.
На 49. Годишно собрание на Академијата, на кое беа усвоени Извештајот за работата во 2015 и Програмата за работа во 2016, академик Фити рече дека во оваа година се предложени 107 научноистражувачки и уметнички проекти на Академијата од разни области. од нив 65 се почнати во минатата година, а 42 ќе почнат да се реализираат оваа година.
МАНУ ќе ја интензивира соработката со други академии, особено на соседните земји, со повеќе активности, главно во Охрид, ќе ја одбележи 1100-годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски и ќе почне да се подготвува за одбележување 50 години од своето постоење во 2017.
Во експозето со кое официјално го означи почетокот на четиригодишниот мандат, новиот претседател на МАНУ се осврна на актуелната политичка криза предупредувајќи на нејзиното негативно влијание врз идниот развој на државата и нејзиниот економски просперитет – понизок БДП од очекуваниот, воздржување или одложување во инвестирањето.
– Продолжувањето на состојбите што сега преовладуваат во сферата на политиката и во сферата на креирањето и имплементацијата на економските политики може да имаат крајно неповолни последици за идниот развој на нашата земја – поради прекумерната и нерационална јавна потрошувачка, недозволивата динамика на пораст на јавниот долг, креирањето услови за појава на економска криза детерминирана од политички избори и заострување, понатамошното комплицирање, наместо разрешување на проблемите во другите сфери дијагностицирани во низа научни трудови објавени во земјава… но и во извештатите на меѓународните финансиски институции, во Извештајот на ЕК и во Извештајот на Прибе, истакна Фити.
Предупреди дека раководствата на политичките партии носат историска одговорност за надминување на тешката политичка и општествена криза со која е соочена Република Македонија, дека треба да дејствуваат во насока на смирувањее на состојбите, реалативизирање на анимозитетот меѓу политичките партии што ја продлабочува поларизацијата во општетсвото и наоѓање, како што рече, разумни решенија со „ладни глави“.
– Во спротивно, секој несоодветен чекор, сеедно од која страна доаѓа, каков што беше случајот со иницијативата на Уставниот суд за утрвдување на уставноста на Законот за помилување на сторители на кривични дела поврзани со изборите, значи само „дотурање бензин на огнот што гори“ и го доведува во прашање мирното разрешување на кризата преку изнаоѓање решенија што ќе ги респектираат основните демократски начела и европските вредности, критериуми и стандарди, рече Фити во експозето.
Се осврна и на критиките што и се упатуваат на Академијата, посочувајќи дека таа не смее и не може да биде индиферентна во однос на збиднувањата во општеството, но нагласи дека не треба да се очекува дека МАНУ ќе се обраќа со говор на политиката и политичарите и дека, како што рече, ќе се инволвира во дневнополитички прашања.
– Таквата практика би била погубна за институцијата, рече Фити, но додаде дека МАНУ ќе го преземе својот дел од одговорноста и ќе се активира со организирање научни расправи за актуелни прашања од различни сфери.
Во тој контект, како посебно значаен проект на кој Академијата ќе почне да работи во 2016, Фити го посочи „Приоритетни насоки на идниот развој на Република Македонија“ во кој академиците ќе изнесат мислења и препораки за креирање политики за клучни сфери.
– МАНУ во текот на 2016 година ќе формира постојани и ад хок групи, составени од академици, но и од компетентни кадри надвор од академиите, од кои Владата, нејзините ресори, владини тела и сл. можат да иницираат и да побараат реализација на научни проекти и расправи за значајни прашања од одделни научни области, рече Фити, посочувајќи на неодамна формираниот Совет за евроинтеграции со академици и научни работници, како еден вид форум за дебатирање на клучни теми за евроинтеграцијата на земјата.
Во Извештајот за работата во 2015-та беше посочено дека во Академијата се работело на 89 научноистражувачки и уметнички проекти. Членовите на МАНУ лани објавиле вкупно 209 научни трудови од кои дури 74 во меѓународни списанија со импакт-фактор. Академијата имала плодна соработка со други академии, пораст на апликации за добивање научни проекти од европските фондови, а враќањето на категоријата дописни членови, рече Фити, придонело за подмладување на членството на Академијата и за зајакнување на нејзиниот работен карактер.
Годишното собрание на МАНУ почна со оддавање почит за академиците кои починале во изминатата година, односно меѓу две годишни собранија на Академијата: Томе Бошевски, Томе Серафимовски, почесниот член Петар Хаџи Бошков и академик Евгениј Максимович Примаков – член на МАНУ надвор од работниот состав.