Уставниот суд на денешната седница го утврди текстот на Решението за Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување донесени во 2009 година, за кој пред две недели поведе постапка.
Според измените и дополнувањето на овој Закон, претседателот на РМ помилување не може да даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, за кривични дела против здравјето на луѓето, за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги. Претседателот на РМ не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд.
Решението за поведување на постапка ќе биде доставено до органот кој го донел Законот, а тоа е Собранието на РМ, кое пак во одреден рок не подолг од 30 дена треба да даде свое мислење.
Според Уставниот суд, мислењето на Собранието на РМ се респектира, но не е пресудно во одлучувањето на судиите.
Од Судот појаснуваат дека откако Собранието на РМ ќе даде одговор на барањето судијата-известител ќе го стави предметот на дневен ред на седницата на Уставниот суд на која судиите треба да одлучат мериторно, дали ќе го укинат законот или ќе ја запрат постапката.
Со измените на Законот од 2009 година Претседателот на РМ немаше можност да помилува лица кои ќе бидат осудени, меѓу другото и за изборни нерегуларности.
Академик Фити: Помилувањето „дотурање бензин на огнот што гори“
Судиите на денешната седница поведоа постапка за член 35, став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговски регистар и регистар на други правни лица.
Оспорениот член предвидено извршената услуга за упис на основање на трговец-поединец и трговско друштво за Е – регистрација, регистрациониот агент ја врши без надомест и награда.
Судот смета дека не може да се врши услуга без надомест и награда, односно агентот мора да си наплаќа за таквата услуга.
Уставниот суд денеска донесе укинувачка одлука за Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифара за надоместоците за користење фонограми и изведби во целина донесени од Собранието на организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците, музичките изведувачи – македонска музичка индустрија. дма/са/15:23
