Јавниот обвинител кој раководи со ова Јавно обвинителство – Катица Јанева денес до Собранието на Република Македонија и Советот на јавните обвинители го достави Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци ( за периодот од 15.09.2015 до 15.03.2016 ).

(извештакот на СЈО е достапен тука – Извештај СЈО)
Во извештајот кој е достапен за јавноста, стои дека:
„ Во уписникот НСК-РО за извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.“,
„На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) се аудио фајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).
Во печатена форма доставени се вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници, на кои се содржани вкупно 119.088 (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1828.“
Во извештајот се наведува дека СЈО има потешкотии во соработката со другите институции на кои им е пропишана со закон ваквата надлежност.
„Со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Појаснувам дека согласно членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, единствено јас имам законски овластувања да се произнесам за стварната надлежност врз предметите, а обврска на јавните обвинителства е бараните предмети да ми ги достават. Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како Специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова Јавно обвинителство.
Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1 Скопје, не ги достави доказите на ова Јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова Јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети.“
Од СЈО велат дека во следните шест месеци а ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија.