Името на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, минатата седмица, а според редот на најавените настани и оваа недела ќе биде најспоменувано. Сите ја канат, а по нејзиното недоаѓање, ја кудат и ја обвинуваат за непочитување на институциите.
А работата поради која овие две недели не ја остават да дише е извештајот за нејзината шестмесечна работа.
Минатата недела Јанева до Собранието и до Советот на јавни обвинители го достави извештајот, по што следуваа закажувања на седници за негово разгледување и покани до Јанева за нејзино присуство.
Четири дена подоцна, кога Советот на јавни обвинители требаше да го разгледува извештајот, а за што, според претседателот Петар Аневски, пристуството на Јанева било неопходно, тој седницата ја презакажа за в среда и повторно ја повика Јанева да дојде.
И Собраниската комисија за политички систем и нејзиниот претседател Владимир Ѓорчев денеска ја одложија седницата на која требаше да се расправа за извештајот. Тој ја обвини Јанева дека не ги почитува институциите, уставот и законите и ја повика да дојде утре, за кога ја презакажа седницата.
Јанева своето недоаѓање на седниците го оправдува со ставот дека нема законска обврска за тоа и посочува на автономијата на институцијата со која раководи.
“Специјалното јавно обвинителство нема добиено официјален допис со кој повторно се поканува Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на седниците на Советот на јавни обвинители и на седницата во Собранието и со кој сме известени за неопходноста од присуството на Специјалната јавна обвинителка, ниту за околностите од кои произлегува таквата неопходност.По однос на обвинувањата дека СЈО се става над Уставот и Законите, апелираме до сите субјекти кои на овој начин ја критикуваат работата на ова Јавно обвинителство, да се повикаат точно на членови од Уставот и Законот од кои произлегува нашата обврска да се дава отчет пред Собранието или пред Советот на Јавни обвинители. Појаснуваме дека Извештајот е акт со кој се информираат институциите и јавноста за работата на ова Јавно обвинителство и дека во истиот е содржано образложение, па имајќи предвид дека Законот не пропишува обврска за усна презентација на извештајот, сметаме дека во целост ги имаме исполнето законските обврски“, додаваат од Обвинителството.
Специјалната обвинителка денеска е поканета да учествува и да говори на конференцијата на тема „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем?“, на која гостинка и учесник ќе биде романската главна обвинителка во Националниот директорат за антикорупција (ДНА), Лаура Кодрута Ковеси.
Покрај Јанева, на конференцијата е поканет и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Настанот, кој ќе се одржи во хотелот „Холидеј ин“, според најавите, ќе го отворат министерот за правда, Аднан Јашари, и амбасадорот на САД, Џес Бејли.
