Граѓани од земјава кои имаат и важечки странски пасош, отсега ќе можат да префрлаат средства од земјава на свои сметки во странски банки. Оваа новина беше овозможена откако неодамна Народна банка на Македонија донесе одлука со која се олеснуваат начинот и условите за отворање и поседување сметки во странство, пишува Утрински весник.

Покрај физичките лица од земјава кои имаат и пасош од друга држава, вакво олеснување е предвидено и за неколку други категории граѓани или компании. Оваа одлука отвори многу прашања, на пример зошто во овој период се носи ваква новина.
Од Народна банка појаснија дека физичките лица кои имаат важечки странски пасош и досега можеле да отвораат сметки во странство и од таму да префрлаат средства во земјава, но сега може да се врши трансфер и на пари од земјава на сметките во странство.
Како што пишува Утрински, од централната банка, велат дека најбројни реакции во јавноста имаше за одредбите за физичките лица со постојано место на живеење во Македонија, кои во исто време имаат и важечка странска патна исправа, со податоци за адреса на живеење во странство.
„Оваа категорија физички лица имаше право да има сметка во странство и со претходната одлука. Единствената разлика помеѓу двете одлуки се состои само во начинот на користење на сметката (според претходната одлука сметката во странство можеше да се користи само за трансфер на средства од странство, а според новата одлука, сметката во странство може да се користи за трансфер на средства во и од странство)“, информираат од централната банка.