Русија и САД се договорија што да прават за Сирија, “што и колку имаше во куферот” остана тајна

од desk3
78 прегледи

Русија и САД се согласија по преговорите во Москва да го користат своето влијание врз завојуваните страни во сирискиот конфликт, за да ги убедат да ги забрзаат напорите за политичко решение, пренесоа светските агенции.

0000297215-article2

Американскиот државен секретар Џон Кери, кој се состана со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Вашингтон и Москва се договориле да го зајакнат кревкото примирје во Сирија.

Кери изјави на прес-конференција со Лавров дека терористичките напади во Белгија оваа недела ја интензивираа решеноста за воспоставување на стабилност во Сирија.

Групата “Исламска држава”, која ја презеде одговорноста за атентатите во Брисел, контролира значителна територија во Сирија.

Лавров рече дека Русија и САД ја потврдија потребата за неодамнешно започнување на директни преговори меѓу сириската влада и опозицијата.

“Се договоривме да продолжиме да ги координираме активностите за прицврстување на режимот на прекин на воените дејствија”, рече тој.

Според зборовите на Кери Вашингтон и Москва ќе се обидат во следните неколку дена да го убедат сирискиот претседател Башар Асад да “донесе правилна одлука” за “ангажирање со политички процес кој ќе доведе до вистински транзиција”.

Лавров сепак не кажа дали Русија е подготвена да покаже некаков притисок конкретно врз Асад.

Тој само рече дека Москва ќе ги охрабри сите земји да се ангажираат со принципите на преговорите во Женева, кои се водат со посредство на ОН.

“Веројатно најважното нешто во оваа фаза е дека се согласивме да го зголемиме напорите за создавање на потребните услови за политички процес”, рече Лавров.

Според него, “политичкиот процес би требало да заврши со постигнување на согласност меѓу самите Сиријци ако сакаат да ја видат својата земја”.

Кери изјави дека САД и Русија ќе инсистира за проширување на хуманитарниот пристап во Сирија и се согласиле дека е потребно сириската влада и нивните противници да започнат да ослободуваат приведени луѓе што е можно поскоро.

Разговорите во Москва почнаа со забавна нота, откако Путин истакна дека Кери слегол од авионот носејќи сам својот куфер, и се пошегува дека државниот секретар на САД може да донесе пари за договор со Русија.

Кери одговори дека кога ќе се насамо, ќе му покаже што има во куферот и ќе го изненади. Подоцна тој за новинарите изјави дека содржината на куферот е “тајна” меѓу него и Путин.

Рускиот претседател изрази надеж за конструктивно дискутирање што ќе овозможи приближување на позициите на Москва и Вашингтон за Сирија и Украина. Според него досегашниот напредок по сириското прашање е резултат на позицијата на американскиот претседател Барак Обама.

Во врска со Украина Кери рече дека во разговорите изразил загриженост од драстичното зголемување на нарушувањата на прекинот на огнот во последно време и ја повикал Русија да вложи повеќе напори за да ги натера сепаратистите да ги почитуваат постигнатите договори.

Според Лавров Русија и САД потврдиле дека Минскиот договор е без алтернатива.

Кери изјави дека го покренал прашањето за поранешниот украински воен пилот Надежда Савченко, која беше осудена на 22 години затвор во Русија оваа недела под обвинение за соучество во убиството на двајца руски новинари, и ја повикал Москва да ја ослободи.