Министерството за здравство преку оглас бара 20 матични лекари за рурални амбуланти. Ранковце, Фурка, Богомила, Иванковци, Страцин се само дел од населените места каде треба да бидат отворени ординации.

Оние кои ќе изразат интерес месечно од Фондот ќе добиваат од 60 до 90 000 денари во зависност од бројот на пациенти.Повеќе пари ќе добиваат од 1 јули за кога здравствените власти најавија зголемување на капитациониот бод за матичните.
– Дополнително, како што знаете, со најновите измени на Законот за здравствена заштита се даде можност докторот во новоотворената ординација самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на ординацијата, сè додека докторот на медицина не го изберат како избран лекар 700 пациенти, по што докторот има обврска да го комплетира тимот. Ова е уште една дополнителна стимулација во прилог на докторите кои ќе се пријават на огласот, изјави Никола Тодоров министер за здравство.
Здравствените власти одлучија да го субвенционираат и патот на руралните лекари. Ќе им бидат покриени патните трошоци на сите оние кои патуваат повеќе од 25 километри за да обезбедат здравствени услуги за пациентите.