Воведувањето на Законот за заштита на укажувачи е дополнителна административна обврска за компаниите и овој месец кога почнува неговата имплементација не сме сигурни какви ќе бидат долгорочните ефекти врз бизнис секторот во Македонија, порача денеска Сојузот на стопански комори (ССК).
Како што истакна на прес-конференција извршниот директор на ССК Митко Алексов, овој Закон уште еднаш ги потврдува значењето и важноста на вклучувањето на релевантните претставници на деловната заедница во процесот на подготовка на новите законски регулативи од кои директно се засегнати компаниите.
– На овој начин ќе се елиминира и дополнителната потреба за спроведување дополнителни проекти за ревидирање на постојната регулатива како што е Регулаторна гилотина, нагласи Алексов.
Законот за заштита на укажувачи е донесен на 10 ноември 2015 година, а почна да се применува од 18 март 2016. Со него се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.
Во законот таксативно се наведени категориите лица кои можат да се јават во својство на укажувачи: лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува, кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата односно правното лице за каде пријавува, лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува, лице кое по кој било основ е или било ангажирано за извршување на работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува, лице кои по кој било основ е или било во деловен однос или друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува, како и лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.
На укажувачот му се обезбедува законска заштита и му се гарантира анонимност и доверливост до степен и до момент до кои тој тоа го бара, а овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да ги заштити податоците за пријавувачот. Во врска со заштитата на податоците, укажувачот има право на судска заштита.
Одредбите од законот предвидуваат прекршочни санкции – глоби од 2.000 – 6.000 евра во денарска противвредност, за правното и за одговорното лице во правното лице, за постапување спротивно на обврските на законот, кои меѓу другото се однесуваат на донесување внатрешни акти за заштитено пријавување, назначување на овластено лице за прием на пријави од укажувачи и постапување по пријавите во согласност со воспоставените процедури, како и обезбедување заштита на анонимноста на пријавувачот.
Сојузот на стопански комори најави дека во наредниот период ќе спроведе обуки за Законот за заштита на укажувачите со цел подобро запознавање на компаниите со обврските кои од него произлегуваат./МИА
