Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со родители членови на Ресурсниот центар за помош и поддршка на родители на деца со пречки во развој и на здружението „Вера“ за помош и поддршка на лица со Даунов синдром.
Како што соопшти СДСМ, на средбата Заев ги соопштил определбите на Социјалдемократскиот сојуз за општествени промени кои, како што навел, ќе придонесат кон целосно интегрирање на децата со аутизам и други попречености во секојдневните текови на живеењето и се осврнал на мерките во партиската програма за овие лица.
Родителите на деца со попречености ги посочиле бројните тешкотии со кои се соочуваат во функционирањето, особено недостигот на дефектолози во училиштата.
– За овие деца е многу важно да бидат социјално активни, поради што родителите често се откажуваат од работа за да ги придружуваат, со што им се нарушува и егзистенцијата. Посебен проблем е недостигот на општествена свест за нивен рамноправен третман од страна на мнозинството граѓани и институциите, рекле родителите, стои во соопштението.