Остануваат доста обврски и работа да се завршат за претстојните избори, а има уште 60 дена, но јас сум уверен дека доколку сите лица и институциите ја вршат својата работа, можно е да има веродостојни избори кои ќе се одржат на 5 јуни. Но, сепак на крај се се сведува на неколку зборови кои се многу важни за Договорот од Пржино – искрените намери, кои сите ги имаат за негова имплементација.
Ова денеска го истакна британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, одговарајќи на новинарско прашање пред конференцијата „Професионалното известување на медиумите-предуслов за слободни и фер избори“.
Тој информира дека минатата есен Британската амбасада ги разгледала областите во кои може да ја подддржи Македонија во рамки на работата на итните реформски приоритети.
– Балансираното, непристрасното и целосното покривање во работата на медиумите е нешто што ние го идентификувавме како приоритет и како цел која е важна за да ја поддржиме Македонија во нашата билатерална соработка, рече Гарет.
Наумов: Чавков ги изманипулирал полицајците за платите, во буџетот за 2016 година не биле предвидени пари за зголемување
Тој изрази задоволство што на конференцијата ќе се зборува за балансираноста и непристрасноста во работата на медиумите. – Ќе зборуваме за насоките за известување за време на избори кои ги донесе МТВ со наша поддршка и особено ќе бидат важни како документ во претстојниот период кој следи, за тоа како ќе се применат за време на изборите, рече Гарет.
Според него, целосно, балансирано и непристрасно покривање на изборите е нешто што е многу важно за да има веродостојни, фер и праведни избори.
– МТВ укажа дека се посветени да ги применат овие насоки и со нетрпение очекуваме да видиме како ова ќе се спроведе во пракса за време на изборите. Многу е важно за МТВ да ги применува овие насоки зошто е јавен сервис кој се плаќа од парите на граѓаните. Освен работата на МТВ, многу е важно и останантите радио дифузери да ги применуваат овие насоки бидејќи принципите за балансирано и непристрасно информирање се применуваат за сите зошто сите тие имаат важна улога за време на изборите, рече Гарет.
Тој изрази задоволство што се дел од оваа соработка која, како што рече, е многу важна за нас и е важен дел од подготовката на Македонија за изборите кои следат.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Нина Соумалајнен нагласи дека улогата на медиумите особено доаѓа до израз во време на избори.
– Од медиумите се очекува, доколку се професионални, да ги покриваат изборите на еден правичен, урамнотежен и непристрасен начин. Професионалните медиуми не смеат да вршат фаворизирање на некого. Со тоа може да се обезбеди поле на натпревар во кое граѓаните ќе можат слободно да изберат, рече Соумалајнен.
Директорка на Мајкедонскиот институт за медиуми Билјана Петковска информира дека целта на денешниот настан е да обезбеди форум за дискусија во врска со потребата од примена на етичките и професионалните стандарди од медиумите за време на известувањето во текот на претстојниот изборен процес.
Таа појасни дека денешниот настан е завршен во рамки на еден сет на активности кој МИМ го организираше заедно со Британскиот јавен сервис BBC и со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада.
– Во фокусот е да се помогне во допрецизирање и изработка на етички и професионални принципи за покривање избори, кои ќе и помогнат на МТВ како јавен сервис, кој има специфични надлежности, во текот на медиумското покривање на изборните процеси, да може многу подобро и посуштински да се извршува улогата на јавен сервис, рече Петковска.
Таа информира дека заедно со експертите од BBC обезбедиле обука на техничкиот кадар и на новинарите во МТВ со цел да ги разберат и да ги применат овие принципи во своето известување.
– Ги информиравме и политичките партии. Со нив, заедно со Амбасадата имавме дискусија во која ги претставивме стандардите, рече Петковска.
На конференцијата присуствуваа новинари, претставници на државните институции, од граѓанското општество/МИА